
На армискиот полигон „Криволак“, министерот за одбрана Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски заедно со амбасадорот на Република Турција, Фатих Улусој присуствуваа на артилериско гаѓање со новите артилериски системи „боран“, набавени во рамки на процесот за модернизација и опремување на Армијата.
На „Криволак“ беше презентирана и новата униформа за припадниците на Армијата, набавена во рамки на договорот за воено-финансиска соработка со сојузничка Турција.
– Ова е историски ден за Армијата и Министерството за одбрана – рече Мисајловски, на армискиот полигон Криволак, каде официјално беа примопредадени новите артилериски системи „боран“ и нови униформи за Армијата.
Тој посочи дека Министерството ги дава на располагање на Армијата новите хаубици „боран“, а можеше да се види и нивното тестирање и официјално ставање во употреба.


– Имаме навистина еден многу добар стратешки партнер, пријателската братска Турција, затоа се заблагодарувам на амбасадорот, аташето, но и на Министерството за одбрана на Турција и на Владата на Турција, бидејќи со ова покажуваме дека навистина сме поблиску и поблиску за многу убави работи во иднина. Почестите средби и заедничката комуникација, покажуваат какви проекти заеднички можеме да имаме. Верувам дека во иднина ќе имаме уште многу големи проекти – истакна министерот.
Тој се осврна и на новите четири илјади пара комплетна униформа, од заедничкиот билатерален договор што е потпишан со Турција, вреден преку два ипол милиони долари, кои директно ќе бидат дадени за Министерството за одбрана, за Армијата.


– Ова се само дел од работите. Очекуваме набрзо да стигнат над 3.500 комплети чизми од Турција. Во наредниот период и дополнителни работи, како снајпери за нашите специјални сили, но исто така и неоклопни возила. Ова се многу, многу заеднички проекти – рече министерот.
Во своето обраќање началникот на Генералштабот на Армијата рече дека дека во исклучително краток период од само три месеци по пристигнувањето на новите хаубици „боран“, нашите војници ја демонстрираа способноста и професионализмот што ја красат Армијата. Денес тие не само што ја потврдија својата подготвеност, туку ја презентираа и тактичката моќ и прецизност на новите огнени капацитети што и стојат на располагање на Армијата.


– Искрена благодарност до нашиот стратешки партнер Република Туркије, братската и долгорочна поддршка. Нашето партнерство е доказ дека вистинските пријателства се градат врз доверба, заемна почит и заеднички цели. Денешната соработка е уште една потврда на нашата заедничка посветеност кон мирот, стабилноста и безбедноста и дома, преку јакнење на нашите капацитети, и во меѓународните мисии каде што стоиме рамо до рамо, бранејќи го светскиот мир – подвлече Лафчиски.