Македонија

Претседателката очекува креативни решенија од Фон дер Лајен за укинување на ветото

По нејзината храбра изјава дека треба да се предизвика или да се урне штитот на консензусот во процесот на евроинтеграциите

Очекувам креативни предлози и решенија од претседателката на Европската комисија, Урсула фин дер Лајен, по нејзината храбра изјава дека треба да се предизвика или да се урне штитот на консензусот во процесот на евроинтеграциите, изјави претседателката Гордана Сиљановска Давкова, која денеска треба да се сретне со Фон дер Лајен во Скопје.

Шефицата на државата одговарајќи на новинарско прашање за тоа што очекува од средбата, но и што таа ќе ѝ порача на Фон дер Лајен, истакна оти верува дека ќе се разговара за Реформската агенда и за Планот за раст, но и за можни креативни решенија и предлози за носењето одлуки во ЕУ при приемот на нови членки.

– Се разбира јас очекувам по нејзината храбра изјава дека треба да се предизвика или да се урне штитот на консензусот, како нужен за исчекор за евроинтеграцијата, да чујам креативни предлози и решенија. Ние сме подготвени за дијалог, сме имале неформални дијалози. Ние предложивме и ќе предложиме излезни решенија, а вие набрзо ќе ја дознаете содржината и суштината на дијалогот од денешната средба – рече Сиљановска Давкова.

Таа дополни дека е повеќе од јасно дека ставањето крај на консензусот може да се случи само со консензус, а во моментот очигледно го нема. Посочи дека за задржување на ветото се борат помалите држави и најмногу оние од Централна и од Источна Европа.

– Но, и тука има различни пристапи, како оној што го чувме од претседателот на Словачка, Петер Пелегрини. Да, тој е еден од поборниците на ветото и на консензусот, но вели дека никогаш и никаде не за вето, доколку не се однесува на Копенхагенските критериуми, туку се однесува на обиди на употреба на статусот на членките на ЕУ за „ревизија на прашања од историјата, културата и јазикот“ – рече претседателката.

Членките на ЕУ се должни да ги почитуваат своите уставни документи, особено Лисабонскиот договор, додаде таа.

– Јасна е во Преамбулата алинејата 6, која што вели дека ЕУ ќе ги почитува историјата, културата, јазикот на нациите и на државите, бидејќи е единство на различности, дека ќе ги почитува уставните структури на државите, се вели во членот 4 што е многу интресно и за размислување. Така ЕУ ќе остане најинспиративна, за нас сè уште е, голем е процентот на приврзаниците, тоа е логично и ние секогаш не само географски, туку и историски, културно сме биле дел од ЕУ и нема ниту една логична причина да не бидеме и политички. Тоа веќе не е прашање на проширување, туку е прашање на безбедност – истакна Сиљановска Давкова.

Фон дер Лајен денеска во Скопје ќе се сретна со Сиљановска-Давкова, премиерот Христијан Мицкоски и со претседателот на Собранието, Африм Гаши.

Најнови вести од: Македонија

Може ли Мерко да си го купи службеното „ауди“?

Мерко беше обвинет и гонет за злоупотреба на службената положба, затоа што набавил четири службени возила меѓу кои и аудито, во услови кога општината имала неподмирени долгови и блокирана жиро-сметка, сепак, на почетокот на јуни 2025 година беше ослободен од вина

До 5-ти февруари аплицирање на студентски оброк

Правото на субвенциониран студентски оброк е наменето за редовни студенти на додипломски студии со месечен приход понизок од минималната нето плата, како и за студенти запишани на постдипломски и интегрирани студии на државните и приватните универзитети во земјава

Новинарката Лиридона Вејсели испрати жалба до апелација

Новинарката Лиридона Вејсели поднесе жалба до Апелациониот суд против пресудата на Основниот суд во Гостивар, со која е осудена на глоба од 700 евра за кривично дело „злоупотреба на лични податоци“ – поради тоа што во својот новинарски текст го објавила името и презимето на судијата Назиф Иљази од Основниот суд во Тетово.

To top