Македонија

Одѕивот на локалните избори првпат најверојатно нема да надмине 50 проценти во првиот круг – најголема излезност имало во 2013 година, 67 отсто

На вчерашните избори во три општини не беше постигнат потребниот цензус на излезност поголем од една третина од запишаните избирачи и тоа во Центар Жупа, Маврово и Ростуше и Врапчиште.

Одѕивот на изборите за градоначалници и советници, според податоците на ДИК, за првпат нема да надмине 50 проценти во првиот круг. Излезноста во првиот круг на осмите локални избори, од независноста на Македонија досега, што се одржаа вчера, најверојатно ќе биде најмала досега со 48.29 отсто, според обработени 99.94 отсто избирачи од 3 472 избирачки места од вкупно 3474 бирачки места. Најголема излезност во првиот круг на изборите за градоначалници во Македонија имало на локалните избори во 2013 година – 67 отсто, по што е во постојан пад, на 60 отсто на локалните избори во 2017 и 50,57% на локалните избори во 2021 година. Излезноста во вториот круг на локалните избори општо земено е секогаш помала, споредено со првиот круг.

Првите локални избори во независна Македонија се одржани на 17 ноември 1996 година, на кои се избирани советници и градоначалници во 123 општини, плус Градот Скопје. Имаше вкупно 683 кандидати за градоначалници и 747 кандидатски листи за членови на општинските совети. Одѕивот на гласачите во првиот круг беше 60 проценти, а во вториот круг 51 процент. На овие избори право на глас имаа 1 419 081 избирач. Вторите локални избори се одржаа на 10 септември 2000 година, на кои се избирани советници и градоначалници во 123 општини, плус Градот Скопје. Имаше 323 кандидати за градоначалници и 564 кандидатски листи за членови на општинските совети. На овие избори право на глас имаа 1 634 859 избирачи. Одѕивот во првиот круг беше 59 проценти, а во втор круг 53 отсто.

Третите локални избори се одржаа на 13 и 27 март 2005 година, на кои се избирани советници и градоначалници во 84 општини и Градот Скопје. Ова се првите локални избори по новата територијална распределба и намалувањето на бројот на општините. Имаше 379 кандидати за градоначалници и 445 кандидатски листи за членови на општинските совети. На овие избори право на глас имаа 1 711 293 избирачи. Одѕивот на гласачите во првиот круг беше 56,36 проценти, а во вториот круг на 27 март 53,66 отсто. Четвртите локални избори се одржаа на 22 март 2009 година, на кои се избираа градоначалници и советници во 84 општини и Градот Скопје. Вкупно беа поднесени 364 листи за градоначалници и 702 кандидатски листи за советници. На овие избори право на глас имаа 1 792 082 избирачи. Одѕивот на првиот круг беше 57 проценти, а во вториот круг 43 отсто.

Петтите локални избори се одржаа на 24 март 2013 година со цел избирање на советници и градоначалници во 80 општини и Градот Скопје. Имаше вкупно 350 кандидати за градоначалници и 480 листи на кандидати за советници. На овие избори, право на глас имаа 1 743 403 гласачи. Одѕивот во првиот круг беше 67 проценти, а во вториот 65 отсто. Шестите локални избори се одржаа на 15 октомври 2017 година, на кои се избираа градоначалници и советници на 80 општини и Градот Скопје. Имаше вкупно 257 кандидати за градоначалници и 371 кандидатска листа за советници. Право на глас имаа 1.814.644 граѓани запишани во избирачкиот список Во првиот круг излезноста беше 60 проценти, а во вториот круг 52 отсто.

Седмите локални избори се одржаа на 17 и 31 октомври 2021 година. Право на глас имале 1 824 864 гласачи. Излезноста во првиот круг била 50,57 проценти, а во вториот круг 50,69 проценти. Имало вкупно 299 кандидати за градоначалници. Според родовата застапеност од вкупниот број кандидати за градоначалници на Локалните избори 2021, 91,64 проценти се мажи, а 8,36 отсто се жени. На овие локални избори имало 572 кандидатски листи за членови на општинските совети со вкупно 10 532 кандидати, од кои 55 проценти се мажи, а 45 проценти жени.

Ова беа четврти локални избори на кои се избираа градоначалници и советнички листи во 80 општини и Градот Скопје. Имаше вкупно 309 кандидати за градоначалници, што беше зголемување од 10 кандидати споредено со тие во 2021, кога имало 299. Најмногу кандидати за градоначалници – 683 имало на првите локални избори во 1996 година, а најмалку на локалните избори 2017 година – 257 кандидати за градоначалници. Бројот на кандидати за градоначалници се движи од 323 во 2000 година, 350 во 2013, 364 во 2009 и 379 на изборите во 2005 година.

Најнови вести од: Македонија

Кои ќе бидат 45-те советници во Град Скопје?!

Според податоците на Државната изборна комисија, по пребројани 99,92% од гласовите, за Ѓорѓиевски гласале 91.582 скопјани или 39,43%, а за Мециновиќ 30.659 или 13,20%. Зад нив следуваат Башким Бакиу од Вреди со 27.864 гласови (12,00%), Каја Шукова од СДСМ со 26.714 (11,50%) и Скендер Реџепи од НАИ со 26.062 (12,22%).

Ѓорѓиевски: Одиме на голема победа во вториот круг, за иднина за сите

Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Орце Ѓорѓиевски, по гласањето во првиот круг од локалните избори и посочи дека Скопје избра иднина. Тој најави дека уште од денеска ќе разговара со сите кандидати и политички структури, кои не влегуваат во вториот круг.

To top