Свет

ЕУ размислува за прием на нови членови без право на вето

Европската унија размислува за можноста идните членки да се приклучат на Унијата без целосни права за одлучување, вклучително и без правото на вето, со цел да се забрза процесот на проширување, дознава „Политико“ од Брисел, повикувајќи се на дипломатски извори.

Европската унија размислува за можноста идните членки да се приклучат на Унијата без целосни права за одлучување, вклучително и без правото на вето, со цел да се забрза процесот на проширување, дознава „Политико“ од Брисел, повикувајќи се на дипломатски извори.

Предлогот, кој е во рана фаза и бара едногласна согласност од сите 27 земји-членки, би им овозможил на новите членки да ги користат повеќето придобивки од членството, додека целосните права би ги добиле подоцна, по спроведувањето на клучни институционални реформи во ЕУ, вклучително и укинувањето на едногласното одлучување во повеќето области.

Според овој предлог, земјите-кандидатки би можеле да станат членки под пофлексибилни услови, без потреба од измени во основачките договори на ЕУ, објаснуваат извори за бриселскиот портал.

Заговарачите на проширувањето, како Австрија и Шведска, сакаат да ја искористат оваа иницијатива за да ги надминат пречките, за кои велат дека доаѓаат од Будимпешта и неколку други престолнини, кои стравуваат од губење на пазари или загрозување на националната безбедност.

„Идните членки треба да се откажат од своето право на вето сè додека не се спроведат реформски промени, како што е воведувањето на квалификувано мнозинство во донесувањето одлуки. Не смееме да дозволиме поединечните земји-членки да го забават проширувањето“, рече Антон Хофрајтер, претседател на Комисијата за европски прашања на германскиот Бундестаг.

Досега важеше правилото дека проширувањето не е возможно без сеопфатна институционална реформа. Сепак, обидите да се укине правото на вето за постојните членки наидоа на отпор, не само од Унгарија, туку и од Франција и Холандија.

Хофрајтер истакнува дека овој пристап би ѝ овозможил на ЕУ да остане функционална и во проширен формат.

„Разговорите со претставниците на земјите од Западен Балкан покажуваат дека тие ја гледаат оваа идеја како конструктивна и реалистична“, додаде тој.

Овој предлог, според „Политико“, доаѓа во време на растечка фрустрација кај земјите-кандидатки, кои веќе спровеле значајни внатрешни реформи, но сè уште се соочуваат со застој во пристапниот процес.

„Хрватска беше последната што се приклучи на ЕУ пред повеќе од десет години, додека Велика Британија во меѓувреме ја напушти Унијата. Затоа верувам дека е време да се оживее овој процес“, изјави претходно црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ за „Политико“.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, го постави проширувањето како приоритет на својата агенда, најавувајќи можен влез на Украина и Молдавија до 2030 година, но земјите-членки досега одбиваат да ги забрзаат процедурите.

Претходниот обид на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, да го забрза проширувањето беше одбиен од неколку земји-членки, потсетува „Политико“.

Во среда, во Лондон ќе се одржи самит во рамките на „Берлинскиот процес“, каде лидерите на ЕУ ќе разговараат за понатамошната интеграција на Западен Балкан со претставници од регионот.

Според извори од ЕУ, Комисијата би можела да предложи продолжување на преговорите со кандидатите дури и без формална согласност од сите членки за секој чекор, со што би се избегнало ветото, особено од Будимпешта.

Во нацрт-заклучоците за самитот на лидерите на ЕУ во Брисел во четврток, проширувањето не беше ни споменато, што предизвика незадоволство кај земјите што го поддржуваат процесот.

„Доколку ЕУ не ги забрза реформите и проширувањето, ризикува да ја изгуби својата стратешка предност во корист на трети страни кои веќе ја чекаат својата можност“, изјави Клаудија Плаколм, министерка за европски прашања на Австрија.

Најнови вести од: Свет

Захарова: ЕУ се обидува да го саботира самитот Путин-Трамп во Будимпешта

Марија Захарова, портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија, тврди дека Европската унија вложува максимални напори за да го спречи наредниот состанок меѓу рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Доналд Трамп

To top