Македонија

Грозоморно убиство во Чашка, уапсен еден од осомничените

Го викнале во кола и му пукале во глава

Основното јавно обвинителство Велес донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека бил соизвршител во кривично дело – Убиство од член 123 став 1 од Кривичниот законик.

-На 5 ноември, во местото викано Поројница, во близина на земјениот пат од Чашка кон селото Бусилци, осомничениот заедно со уште едно лице кое се уште не е идентификувано, го лишиле од живот велешанецот Ѓело Ѓошев.

Најпрво осомничениот го намамил и со својот автомобил го однел оштетениот на локацијата. Потоа заедно со другото лице пукале во него со огнено оружје, нанесувајќи му прострелна рана во черепот од која жртвата починала – се посочува во објаснувањето на Обвинителство.

Од ОЈО укажуваат дека осомничениот претходно бил сторител на кривично дело разбојништво, а според дел од доказите кои веќе се обезбедени, по убиството во Чашка се обидел да ги прикрие трагите и со тоа да влијае на постапката.

– Од тие причини, за јавниот обвинител јасни се опасноста од бегство, можноста за влијание на сведоците и ризикот да го повтори делото, па достави предлог за определување мерка притвор.

По наредби на јавниот обвинител МВР интензивно работи на откривање и на другиот соизвршител, како и на точните мотиви за убиството – се потенцира во соопштението на ОЈО.

На темата се огласи и Министерство за внатрешни работи, од каде посочуваат дека е расветлено убиството во Чашка, лишен од слобода еден од извршителите, а по друго лице се трага.

Министерството за внатрешни работи го лиши од слобода и до Основното јавно обвинителство Велес поднесе кривична пријава против Д.Ц.(43) поради основано сомнение дека бил соизвршител во кривично дело „убиство“ по член 123 став 1 од Кривичниот законик.

– На 05.11.2025 во местото викано Поројница, во близина на земјениот пат од Чашка кон селото Бусилци, осомничениот Д.Ц., заедно со уште едно лице, го убиле Ѓ.Ѓ. од Велес.

Прво Д.Ц. го намамил Ѓ.Ѓ. и со својот автомобил го однел на локацијата. Потоа, заедно со другото лице, пукале во него со огнено оружје, нанесувајќи му прострелна рана во черепот, од која жртвата починала – укажуваат од МВР.

Од МВР укажуваат како и ОЈО дека осомничениот Д.Ц. претходно бил сторител на кривично дело „разбојништво“, а според дел од доказите кои веќе се обезбедени, по убиството во Чашка се обидел да ги прикрие трагите и со тоа да влијае на постапката. МВР во координација со јавен обвинител презема мерки и активности за пронаоѓање и на другиот извршител на кривичното дело.

Најнови вести од: Македонија

ЕУ заинтересирана за Охридското езеро – додека Албанија истражува можност за рудници, Македонија во застој

Анализа на ЕУ покажува дека наоѓалишта на кобалт, кој е од особено значење за литиумските батерии, има во рударските области на Поградец, а резерви на бакар има во областите Лежа и Кукс. Од стратешките минерални суровини Албанија изобилува и со никел во Кукс, Девол како и во селото Червеник крај Охридското Езеро.

To top