Бизнис

Работниците бараат минимална плата од 600 до 700 евра, можно ли е?!

Работниците бараат зголемување на минималната плата од 600 до 700 евра веднаш. Ова го покажала анкетата на Сојузот на синдикатите на Македонија спроведена на репрезентативен примерок од 1.613 испитаници.

Работниците во земјава сметаат дека минималната плата треба да се зголеми од 600 до 700 евра, покажува анкетата што ја спроведе Сојузот на синдикати на Македонија на 11 и 12 овој месец на репрезентативен примерок од 1.613 испитаници. На прашањето „Колку треба да изнесува минималната плата“, од вкупниот број испитаници 45,2 проценти одговориле дека минималната плата треба да се зголеми на 600 евра, 42 проценти сметаат дека минималната плата треба да изнесува 700 евра, а 12,8 проценти дека таа треба да изнесува 500 евра.

Најголем дел односно 99,5 проценти од испитаниците сметаат дека зголемувањето треба да се случи до крајот на годинава. Доколку не се зголеми минималната плата, 52,8 проценти се подготвени да протестираат, а 47,2 проценти да штрајкуваат.

  • Заклучокот од Анкета за потребите на работниците во однос на растот на минималната плата во Република Македонија е дека барањето за зголемување на минималната плата не е желба на поединци, туку потреба на работниците во Македонија, велат од ССМ.

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека минималната плата ќе се зголеми согласно закон во март, а дали ќе има интервентно зголемување ќе зависи од договорот меѓу синдикатите и работодавачите.

  • Знам дека во ноември ќе имаме седница на Економско-социјалниот совет и очекувам тоа прашање да се отвори таму така што ние како Влада ќе го прифатиме секое решение кое што ќе го договорат работниците и работодавачите, изјави Мицкоски. 

Претходно, министерот за економија Бесар Дурмиши беше дециден дека нема да има интервентно зголемување на минималната плата под притисок на синдикатите. Кажа дека минималната плата ќе се зголеми во март, но само онолку колку што законски следува, согласно формулата за пресметка.

Од Економија најавија дека до крајот на месецот ќе го свика Економско социјалниот совет. Таму ќе се бијат копјата за минималецот, а ќе се прецизираат и владините просечни потрошувачки кошнички.

Најнови вести од: Бизнис

Цената на нафтата надмина 100 долари за барел

Новите случувања дополнително ги засилија стравувањата за безбедноста на Ормускиот теснец, преку кој се транспортира околу една петтина од светската потрошувачка на нафта, што дополнително ги поттикна цените на светските пазари.

Ристески пред средбата со трговците и дистрибутерите: Нема да толерираме профитирање на грбот на граѓаните

Заменик-министерот за економија и труд информира дека на средбата со производителите, трговците и дистрибутерите, меѓу другото, ќе бидат презентирани анализите на ДПИ во однос на движењето на цените на основните прехранбени производи. Во овој контекст, повтори тој, нема да се толерира некоректно однесување.

Синдикалната минимална кошница за јуни тежи 68.654 денари

Вредноста на синдикалната минимална кошница за јуни 2026 година изнесува 68.654 денари, што е намалување за 88 денари во споредба со мај, кога за покривање на основните месечни трошоци на едно домаќинство биле потребни 68.742 денари.

To top