Граѓаните имаат уште време да запишат Граѓански обврзници од четвртата емисија, а крајниот рок е 1 декември. Запишувањето се врши во филијалите и експозитурите на деловните банки во земјава. Од Министерството за финансии информираат дека граѓаните можат да запишат најмалку една Граѓанска обврзница, во износ од 10.000 денари. Каматната стапка на обврзниците од оваа емисија изнесува 4,6 отсто, а рокот на достасување е две години. Датумот на достасување е 11 декември 2028 година. Каматата за првата година ќе достаса на 11 декември 2027 година, а за втората година на 11 декември 2028 година.
Проспектот за четвртата емисија е објавен за вкупен износ од 100 милиони денари. Аукцијата за Граѓанската обврзница ќе се одржи на 3 декември. Министерството за финансии досега има издадено три емисии Граѓански обврзници. Првата беше издадена на 13 јули 2023 година, во износ од 23,5 милиони евра, а втората на 7 ноември истата година, во износ од 17,6 милиони евра. Третата емисија беше реализирана на 12 декември 2025 година, во износ од 33 милиони евра.
Граѓанските обврзници од првата и втората емисија, заедно со соодветната камата, се исплатени во целост.