Македонија

Професионалноста и етиката во фокусот на првиот стручен симпозиум на ИСОС и Здружението на внатрешни ревизори

Првиот заеднички стручен симпозиум во организација на Институтот на сметководители и овластени сметководители

На Економскиот факултет во Скопје се одржа првиот заеднички стручен симпозиум во организација на Институтот на сметководители и овластени сметководители (ИСОС) и Здружението на внатрешни ревизори на Македонија. Настанот собра над 500 учесници, професионалци од сметководствената и ревизорската фела, како и експерти од академската заедница, институциите и студентите, ставајќи силен фокус на актуелните професионални и етички предизвици со кои се соочуваат сметководителите и внатрешните ревизори во современата економска и технолошка средина.

Во своето воведно обраќање, претседателката на ИСОС Весна Прентоска, го нагласи значењето на етиката како темел на сметководствената и ревизорската професија и предупреди на современите притисоци што можат да водат кон мали, но опасни компромиси. „Денес не зборуваме само за бројки. Зборуваме за вистината зад нив, за довербата што ја градиме и за одговорноста што ја носиме — кон професијата, клиентите, јавноста, но пред сè кон самите себе“, истакна Прентоска.

Таа додаде дека „кога се раководиме од етиката и таа е во центарот на секоја бројка, извештај или одлука, ја јакнеме довербата на партнерите, институциите и јавноста во нашата професија, а со тоа го подигнуваме и квалитетот, што е една од основните цели и задачи на ИСОС“. Симпозиумот опфати три тематски целини.

Првата, насловена „Цената на етичката тишина. Кога етиката не се вклопува во билансот?“ беше отворена со предавање на проф. д-р Борис Тушек од Факултетот за економија и бизнис при Универзитетот во Загреб.

Акцентот во неговото излагање беше ставен на последиците од премолчувањето на етичките прекршувања, особено во контекст на финансиското известување, истакнувајќи дека „етичката тишина“ создава системски ризици, ја нарушува довербата во професијата и има долгорочни импликации врз економската стабилност. Неговото предавање ја отвори дискусијата за потребата од култура во која професионалците чувствуваат охрабрување, а не страв, да укажат на одредени отстапувања.

Во рамките на втората тематска целина насловена „Малите лаги на големите бројки — етички предизвици зад точноста“ се одржа панел-дискусија модерирана од претседателката на ИСОС, Прентоска, во која учество зедоа истакнати финансиски и ревизорски професионалци, и тоа: Магдалена Христова, регионален финансиски директор на НЕЛТ; Горан Станчевски, менаџер на сметководствено биро Галоп ДВ; Данило Јовановиќ, директор на внатрешна ревизија во Алкалоид АД Скопје; Драган Давитков, партнер во PwC и Оливера Ѓуровска, финансиски директор на Жито Лукс АД Скопје. Панелистите отворија прашања за тенките граници меѓу професионална проценка и креативна интерпретација, организациската култура и личниот интегритет, како и одговорноста на професионалците во услови на големи очекувања и зголемена динамика.

Третата сесија беше посветена на улогата и значењето на вештачката интелигенција во современото сметководство и ревизија, каде Горазд Смилевски од Бизнис Академија Смилевски говореше за новите улоги и специјализации што ќе се развиваат во контекст на дигиталната трансформација. Симпозиумот претставуваше значајна платформа за поттикнување професионален дијалог, споделување искуства и добри практики и отворање на нови перспективи во развојот на сметководствената и ревизорската професија. ИСОС најави дека ова е само почеток на серија настани кои треба да придонесат за натамошно јакнење на интегритетот, компетентноста и професионалниот капацитет на сметководствената заедница во земјата.

Најнови вести од: Македонија

Вештачката интелигенција е секојдневие за македонските ученици, но сепак имаат слаби резултати во математика, читање и наука!

Македонските ученици постигнале пониски резултати од просекот на земјите од ОЕЦД во сите три главни области – математика, читање и наука, како и во решавање компјутерски проблеми, покажува тестирањето, кое ги мери вештините за решавање проблеми и примената на знаењето во реални ситуации.

Мицкоски: Владата прави методологија струјата да не поскапи, а ако е можно – и да поевтини!

Владата прави методологија за да се задржи истата цена на струјата, но се обидува македонските граѓани да имаат и поевтина струја, најави денеска при посетата на Штип претседателот на Владата Христијан Мицкоски, кој одговараше на новинарски прашања дали ќе се зголеми цената и каква е енергетската слика во земјата.

Мицкоски: Промакедонската Влада на Македонија „потроши“ НУЛА денари за концертот на Гета и другите настани за одбележувањето на независноста!

Премиерот Христијан Мицкоски денеска откри колку пари од државниот буџет биле „потрошени“ за целокупната едномесечна програма за одбележување на 35 годишнината од независноста на Македонија.

Јаневска: Изборниот предмет „Сеопфатно сексуално образование“ го повлекуваме, заради длабока ревизија по барање на јавноста

Изборен предмет „Сеопфатно сексуално образование“ во средно образование ќе нема. МОН одлучи да ја повлече наставната програма за да се направи ревизија. Ова денеска го соопшти министерката за образование и наука Весна Јаневска по реакциите за воведувањето на овој предмет по избор за средношколците од прва до четврта година.

Вчера битолчанецот Михаил Николовски (15) спаси тричлено бугарско семејство од давење во разбеснетите бранови на Егејското Море во Грција!

Вистинска драма вчера се случила на плажата во Олимпијада, Грција, каде што силните бранови и подводните струења за малку ќе го однеле во смрт цело тричлено семејство од Бугарија. Во моментите кога жената панично повикувала на помош, од присутните на плажата реагирал 15-годишниот битолчанец Михаил Николовски. Без двоумење влегол во разбрануваното море.

To top