Колумни

Нацрт-заклучоците на Советот на ЕУ за промената на македонскиот устав ги кршат резолуциите на ООН и Договорот од Мастрихт, затоа се ништовни

Советот на ЕУ ја повикува Македонија да изврши промена на својот Устав во согласност со „Добрососедскиот договор“ со Бугарија и протоколите кон него, Преговарачката рамка и „францускиот предлог“, кои содржат категорично тврдење-фалсификат дека македонскиот народ, македонскиот јазик, идентитет и историја имаат „бугарски историски темели“. Тоа претставува целосно негирање на етничката, идентитетската и јазичната засебност на македонскиот народ. Декларацијата на ООН за недопустливоста на интервенирањето и вмешувањето во внатрешните работи на државите целосно ги заштитува македонскиот јазик и идентитет, како и македонската историја, од какви било и чии било обиди за негирање, или присвојување. Таа декларација строго забранува завлегување во идентитетскиот комплекс на кој било народ, што значи и на македонскиот народ. Токму ова го прават Советот на ЕУ и Бугарија! Членка на ООН е и Македонија: и за неа во еднаква мера важи применливоста на резолуциите на ООН. Според нив, ниту ЕУ, ниту Бугарија, Грција, или која било друга држава, немаат право да се мешаат во внатрешните и надворешните работи на Република Македонија, ниту да ѝ наложуваат да го менува Уставот во замена за „отворање на преговорите со ЕУ“. 

Пишува: Свето Тоевски

Европската унија упати преку Нацрт-заклучоците на својот Совет на министри повторно категорична порака и барање до Република Македонија: првата фаза од преговорите за евроинтегрирање може да започне штом ќе се спроведат уставните измени. Тие Нацрт-заклучоци се очекува едногласно да бидат усвоени од земјите-членки на ЕУ на 16 декември во Брисел. Спротивно на највисоките резолуции на ООН и на сопствениот основачки „Договор од Мастрихт“ ЕУ бара неотстапно од Република Македонија да го внесе фантомскиот „бугарскит државотворен народ“ во нејзиниот устав, без никакво обрнување внимание какви сѐ последици тоа би предизвикало за нејзиниот политички суверенитет и територијалниот интегритет, за македонската државност и македонскиот идентитет, јазик и историја.

Резолуцијата за недопустливост на политиката на хегемонизам во меѓународните односи на Генералното Собрание на Организацијата на Обединетите Нации од 1979 година строго – нагласуваме „строго“ – ѝ забранува на Бугарија водење и наметнување политика на политички, културен, историски и идентитетски хегемонизам кон Македонија и македонскиот народ, со тоа што таа бара вметнување „бугарски државотворен народ“ во уставот, но и да се „признае“ дека „македонскиот јазик има бугарски корени“, оти „македонскиот народ е новосоздаден народ од 1944/1945 година“, односно дека „Македонците се Бугари“, а дека „Македонија и Бугарија имаат заедничка, споделена историја“. Споменатата резолуција на ООН ѝ забранува, исто така строго, и на Европската унија водење политика на политички, културен, историски и идентитетски хегемонизам кон Македонија, давајќи ѝ поддршка на Бугарија во оваа смисла. Со оваа своја резолуција Генералното собрание на Организацијата на Обединетите Нации „ги повикува сите држави во водењето на меѓународните односи строго да ги почитуваат принципите на Повелбата на Обединетите Нации и принципите, кои се однесуваат на почитувањето на суверенитетот, суверената еднаквост, националната независност, единството и територијалниот интегритет на државите, немешање во нивните внатрешни работи …мирно решавање спорови … доминација до самоопределување…“

Со своите Нацрт-заклучоци за Македонија ЕУ и нејзиниот Совет се во директен и остар судир со Организацијата на Обединетите Нации и кршат уште еден нејзин важен акт: Декларацијата на Генералното собрание на ООН за недопустливоста на интервенирањето и мешањето во внатрешните работи на државите од 9 декември 1981 година. Со оваа декларација Генералното собрание на ООН потврдува, во согласност со Повелбата на Обединетите нации, дека ниту една држава, или група држави, нема право да интервенира, или да се меша во каква било форма, или од која било причина во внатрешните и надворешните работи на други држави. „Принципот на немешање во внатрешните и надворешните работи на државите ги опфаќа следните права и должности: суверенитет, политичка независност, територијален интегритет… како и националниот идентитет; суверено и неотуѓиво право на државата слободно да го одредува својот политички, економски, културен и општествен систем… без надворешна интервенција, мешање, субверзија, принуда или закана во каква било форма…“ – се нагласува во оваа декларација на Генералното собрание на ООН.

Советот на ЕУ со своите најнови Нацрт-заклучоци и Бугарија, како членка на ЕУ, со барањето до Македонија за уставни измени ги кршат не само клучните документи на светската организација, туку и фундаменталниот „Договор за Европската унија“, нејзиниот своевиден „европски устав“. Во него стриктно пишува: „1. Унијата ги почитува националните идентитети на своите земји-членки…2. Унијата ги почитува основните права, како што се гарантирани со Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи … и уставните традиции, заеднички за земјите-членки како општи принципи на правото на Заедницата.“ Оваа темелна одредба во „Уставот на Европа“ – основачкиот „Договор за ЕУ“ се заснова врз врховниот принцип на меѓународното право „јус когенс“ дека идентитетскиот комплекс и јазикот на кој било народ, што значи и на македонскиот народ, е надвор од какви било меѓународни договори, оти е неповредлив и како таков заштитен во апсолутна смисла и во однос на најновите Нацрт-заклучоци на Советот за Европа за менувањето на уставот на Македонија. Но, ЕУ ги гази не само македонскиот идентитет и јазик, туку и се обидува повторно да ги погази и уставните традиции на македонската држава, иако ги почитува таквите традиции на своите држави-членки.

Македонија, нејзиниот устав, државно-националните интереси на македонскиот народ и сите други нејзини граѓани интереси, се целосно заштитени со меѓународните принципи на меѓународното право за државен суверенитет, за правото на самоопределување на народите и принципот на неинтервенција во внатрешните работи. Тие принципи ги прават нелегални Нацрт-заклучоците на Советот на ЕУ, која од свои „повисоки геополитички причини и интереси“ до максимум ги поддржува Бугарија и нејзините интереси. Тие Нацрт-заклучоци на Советот на ЕУ за измената на македонскиот устав се дел од „санстефанската фактура“, која ја испостави Софија, заради прифаќањето на таквиот свој статус, а која е замислено дека треба да ја платат Македонија и македонскиот народ по цена на конечно себеоткажување и самобришење од светската мапа на држави и народи. Како што ѝ се „плати“ и „преспанската фактура“ на Грција со „Преспанскиот договор“.

Претседателката на Република Македонија Гордана Силјановска-Давкова деновиве беше категорична: „Ако ЕУ се темели на вредности, моето прашање е: Кој треба да го смени уставот?“ Таа ја потсети ЕУ дека поправо Бугарија има поодамнешна обврска да си го смени уставот, а не да се наредува Македонија да го прави тоа! Европската Венецијанска комисија за владеење на правото на 3 март 2008 година со писмен допис експлицитно ја повикала Владата во Софија да изврши промени на Уставот на Бугарија, заради „еднаков третман на лицата што припаѓаат на националните малцинства според Рамковната конвенција“. Што најдиректно значи еднаков третман и на македонското национално малцинство! Во меѓувреме Бугарија не го променила својот устав, заради тамошните Македонци, но сега заедно со Брисел бара Македонија да го промени својот устав заради овдешното „бугарско малцинство“ од 3500  попишани Бугари со последниот попис, но кренати уставно на ниво на „бугарски државотворен народ“?! Во еден „пакет“ бесмислица и апсурд во светски размери! Во еден „пакет“ преседан и парадокс во светски размери!

Посочените одредби од двата акта на ООН и од „Договорот на ЕУ“ ги уриваат како меѓународноправно ништовни и неприфатливи Нацрт-заклучоците на Советот на Европа дека Македонија мора да го смени својот устав според барањето на Бугарија. Тие одредби, кои ѝ даваат целосно право на Македонија да ги отфрли наредбите на ЕУ и Бугарија, јасно укажуваат дека Брисел и Софија жестоко го кршат меѓународното право.

(Авторот изнесува во оваа колумна согледувања од сопствена политиколошка анализа, кои не се став на редакцијата на „Експрес“)

„Нова Македонија“

Најнови вести од: Колумни

Зошто низ нашите градови не ечи многу почесто „песната на Македонија“ – нејзината „молитва“?

„Народните песни се показаљка на степенот од умственото развитие од народот и огледало на неговиот живот. Народот в песни изливат чувствата си, в них увековечвит животот му и давнешните му подвиги, в них находвит душевна храна и развлечение; затова в жаљба и в радост, на свадба и хоро, на жетва и грозјебрање, на везање и предење, по поле и по гори, штедро изливат песните како од богат извор…“ – ова е напишано во предговорот на првиот дел на „Зборникот на македонските народни песни“ на браќата Димитар и Константин Миладинови, објавен во 1861 година. Зарем турбофолкот и шундот, наречен „музика“ од балканската естрадна периферија на концертите во Македонија, ќе дозволиме да станат „показаљка на степенот“ на нашето „умствено развитие“ како народ македонски? Зарем ќе се согласиме тоа да стане „огледало на нашиот живот“ како народ македонски, чиј изворен фолклор и народен мелос се со врвни уметнички и културни вредности и меѓу најценетите во Европа и светот?!

Уставот од 17 ноември 1991 со асномската основа на Македонија како држава на македонскиот народ

Првиот устав на независна Македонија од 17 ноември 1991 година е од редот на така наречените „национални устави“. Тој македонски устав во најголемиот број негови елементи е на исто ниво и содржински и во поглед на содржаните принципи како и 165 други национални устави од вкупно 189-те устави, колку што ги има во овој момент во светот.

Со уставните амандмани од 16.11.2001 Македонија престана да биде држава на македонскиот народ и се вгради „фабрички дефект“ во политичкиот систем

„Амандманите од ноември 2001 година се сведоштво за ревизијата на асномска Македонија од суверена и унитарна држава во безидентитетна, дезинтегрирана, ‘рамковна’ мултиетничка Македонија. Со ревизијата на Уставот на РМ во 2001 година е маргинализирана улогата на македонскиот народ во конституирањето на Р. Македонија, минимизиран е неговиот конститутивен и државотворен карактер во формирањето на РМ.“ – нагласи академик Катица Ќулафкова на еден научен собир, одржан во Македонската академија на науки и уметности во 2014 година.

Треба долгорочно да се преосмисли натамошното чекорење по европскиот пат и каква Македонија мораме да им оставиме на идните поколенија

Република Македонија „прослави“ вчера, на 9 ноември, неславен јубилеј: изминаа 20 години од престојувањето во „еврочекалницата, откако истиот ден во 1995 година ЕУ ја донесе својата одлука да и додели статус како земја-кандидатска зе евроинтегрирање.

Свето Тоевски: Македонија не би требало да прифаќа по налог на ЕК третман како безначајна „геоополитичка трева“, која би ја газеле „слоновите“ додека се тепаат меѓу себе

Не соодветствува со автентичните државно-национални интереси на Македонија и на нејзините граѓани најновата позиција, која ја изнесе еврокомесарката за проширување на ЕУ Марта Кос, дека „земјите-кандидатки мора да направат геополитички избор на која страна се пред да влезат во ЕУ“. Спроведувањето на овој став дополнително би ја  усложнил ионака сложената ситуација, во која се наоѓа Македонија веќе изложена на сериозни критики во најновиот извештај на Европската комисија дека „не искажува резултати во реформите“ и оти „запаѓа во застој“.

Драмското и јазично творештво на Васил Иљоски – македонскиот Шекспир е трајно потсетување кои сме биле и кои мора да останеме – како Македонци

„Кога беше забранета употребата на македонскиот јазик Васил Иљоски се најде меѓу оние, кои имаа смелост постепено да го уфрлаат тој јазик во сите пори на тогашниот општествен и културен живот, дури и на сцената на Кралскиот Скопски театар, чија основна задача беше да ја неутрализира македонската национална свест.“ – констатира романописецот и театролог Александар Алексиев. Денес се навршуваат 30 години од смртта на Васил Иљоски и ова е соодветна пригода за навраќање кон неговото пребогато драмско и книжевно-лингвистичко творештво, но и на неговиот живот, вложен до последниот миг во афирмацијата на нашата македонска национална самобитност.

To top