Никогаш нема да заборавиме пишува во отворено писмо до Христијан Мицкоски потпишано од претставници на здруженијата на Македонците во Бугарија.
Во писмото претставници на седум македонски здруженија му порачуваат на Мицкоски дека нема да заборават се што тој направил за нив и за македонската национална кауза од која неотуѓив дел се и Македонците во Бугарија и во други држави.
Целото писмо до македонскиот премиер во продолжение:
**ЈАВНО ПИСМО – ЧЕСТИТКА**
**Од ОМО „Илинден“ – Пирин и ОМО „Илинден“**
До премиерот на Македонија и претседателот на ВМРО ДПМНЕ Hristijan Mickoski
Почитуван г-не Мицкоски,
Во име на партијата ОМО „Илинден“ – Пирин, на долупотпишаните организации на Македонците во Бугарија и на сите припадници на македонската заедница во Пиринска Македонија, Ви упатуваме искрени честитки по повод изборот за трет мандат за претседател на ВМРО–ДПМНЕ на 18-тиот Конгрес на партијата, како и за вашата јасна и непоколеблива определба во заштита на нашите права и на идентитетот на македонскиот народ.
Вашите излагања на Конгресот, во кои ја нагласивте потребата од **почитување на меѓународното право**, како и **целосна примена на пресудите на Европскиот суд за човекови права од Стразбур** во однос на правата на Македонците во Бугарија и вашата јасна и недвосмислена порака дека **нема да има поместување ниту за еден милиметар** сè додека не биде испочитувана „и последната буква и последниот интерпункциски знак“ од европските пресуди за нас претставува силен чин на поддршка за нашата долгодишна и праведна борба.
Посебно ја цениме Вашата изјава дека правата на Македонците во Пиринска Македонија се прашање на принцип, правда и достоинство, и дека нивното признавање и заштита се составен дел од европските вредности и човековите слободи. Тоа претставува јасен сигнал дека и во рамките на евроинтегративниот процес, и во рамките на билатералните односи, во Македонија постои подготвеност да се води политика заснована на почитување, правичност и историска одговорност.
Во тој дух, ОМО „Илинден“ – Пирин ви благодариме за Вашите ставови и за јасната определба во одбрана на македонската кауза и европските демократски стандарди. Имено истрајноста, храброста и доследната определеност во одбрана на интересите на македонскиот народ, неговиот идентитет и неговото право на достоинство и слобода, без самоубиствени компромиси се она што ги издвојува личности како Јане Сандански и други македонски херои од сите оние што историјата со право ги заборава.
Вашата определба да истраете во истите тие принципи ја чувствуваме како продолжение на таа историска линија, што за нас има особено силно значење.
Ние не забораваме и никогаш нема да заборавиме вашето доаѓање при отворањето на Македонскиот културен клуб Никола Вапцаров во Благоевград, кога ни дадовте јавна и толку неопходна за нашиот дух поддршка. Со своите дејствија поставувате пример што треба да го следат сите лидери на македонски партии и сите премиери на Македонија.
Веруваме дека Вашиот мандат ќе биде период во кој темите поврзани со македонскиот идентитет, јазикот, културата и човековите права и правата на нас, Македонците во Бугарија, ќе се третираат со сериозноста која ја заслужуваат. Вашата поддршка е значајна не само за нас како малцинство, како партија и организации, туку и за сите поединци кои со години се соочуваат со административни, политички и правни пречки и дискриминација при остварувањето на своите основни слободи и права како Македонци.
Ви посакуваме успех во работата, мудрост во одлуките и истрајност во заложбите за еднаквост, правда и почитување на човековите права.
Со почит,
**ОМО „Илинден“ – Пирин**
**ОМО „Илинден“**
**Комитет за заштита на човековите права Толеранција**
**Друштво за заштита на основни човекови права**
**Антички Македонци**
**Друштво ан репресираните Македонци во Бугарија – жртви на комунистичкиот терор.**
**Македонски дискусионен клуб за етничка точеранција**