Свет

Трамп: Со еден телефонски повик ќе ги смирам Тајланд и Камбоџа

Американскиот претседател изјави дека лично ќе интервенира за да ги запре борбите меѓу двете земји кои влегоа во третиот ден

 

 

Доналд Трамп, кој посредуваше во прекин на огнот меѓу двете азиски земји во јули, изјави дека ќе се јави по телефон за да се стави крај на најновата ескалација, објави Ројтерс.

Зборувајќи на митинг во Пенсилванија вчера Трамп наведе низа конфликти за кои тврди дека помогнал да се запрат, вклучувајќи ги и оние меѓу Пакистан и Индија и Израел и Иран, пред да се осврне на обновениот конфликт во Југоисточна Азија.

„Мразам да го кажам тоа, се вика Камбоџа-Тајланд, започна денес и ќе морам да се јавам по телефон утре“, рече Трамп. „Кој друг би помислил дека ќе се јави по телефон и ќе ја запре војната меѓу две многу моќни земји, Тајланд и Камбоџа.“

Трамп  беше клучен во постигнувањето на кревко примирје по јулските борби, во кои загинаа најмалку 48 лица, што беше најжестокиот конфликт меѓу двете земји во поновата историја.

Додека се чека интервенцијата на Трамп, двете страни имаат сосема различни ставови за тоа како да се реши кризата. Тајландскиот министер за надворешни работи во вторникот изјави дека не гледа можност за преговори и дека ситуацијата не е погодна за посредништво од трета страна.

Од друга страна, главниот советник на камбоџанскиот премиер Хун Манет изјави за Ројтерс дека неговата земја е „подготвена да разговара во секое време“.

Тензиите повторно се разгореа откако Тајланд минатиот месец ги суспендираше мерките за деескалација договорени на октомврискиот самит на кој присуствуваше Трамп. Поводот беше инцидент во кој еден тајландски војник беше сериозно повреден од нагазна мина, за која Бангкок тврди дека неодамна била поставена од Камбоџа, што Пном Пен жестоко го негира.

Двете земји објавија дека евакуирале стотици илјади луѓе од пограничните области. До вторник вечерта, Министерството за одбрана на Камбоџа соопшти дека од понеделник се убиени девет цивили, а 20 се сериозно повредени. Тајландските власти ја потврдија смртта на четири војници и 68 се ранети.

Тајланд јасно стави до знаење дека неговата цел е да го намали воениот капацитет на својот сосед. Висок генерал изјави во понеделник дека целта на војската е „долго време да го осакати воениот капацитет на Камбоџа“.

Министерството за одбрана на Камбоџа возврати дека нејзините војници немаат друг избор освен да преземат одбранбени мерки, обвинувајќи ја Тајланд за „неселективно и брутално таргетирање на цивилни станбени области“ со артилериски гранати, што Бангкок го негира.

Најнови вести од: Свет

Австралија: Нема социјални медиуми за малолетници

Новиот закон ги опфаќа најпопуларните платформи како што се Instagram, Facebook, TikTok, YouTube, X и Snapchat, и додека владата тврди дека целта е да ги заштити младите од штетна содржина, критичарите предупредуваат на ризикот од изолација и туркање на децата во нерегулирани делови од интернетот

Орбан: Турција гарантира снабдување со гас за Унгарија преку „Турски тек“

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и унгарскиот премиер Виктор Орбан постигнаа договор според кој Турција ќе гарантира непречено снабдување со руски гас за Унгарија, преку гасоводот „Турски тек“.

To top