Македонија

Смртното прегазување на мојот татко Југослав, обвинетиот тврди дека е несреќен случај, вели Бошковска

Изјава на Елена Бошковска – ќерка на Југослав Николовски

По завршувањето на денешното рочиште во Основниот кривичен суд – Скопје за случајот во кој беше смртно прегазен 68-годишниот Југослав Николовски, неговата ќерка Маја Бошковска, изјави дека семејството очекува висока и правична казна за обвинетиот Фатон Љури кој на 1 јули годинава управувајќи мотор „Кавасаки“ без возачка дозвола по пешачката патека на кејот на Вардар го прегазил Николовски и го напуштил местото на несреќата.

Бошковска истакна дека трагедијата не може да се смета за обичен секојдневен случај и дека семејството и жителите на тој дел од градот не се чувствуваат безбедно, бидејќи, како што рече, нејзиниот татко бил прегазен на „два чекори од нивниот дом“.

– Би сакала повторно да потенцирам дека ова прегазување не е еден обичен секојдневен случај. Се работи за смртно прегазување на мојот татко на пешачка патека, која што се наоѓа пред нашиот дом на живеење, на два чекори од нашиот дом. Таму постојано има деца, родители, значи нема кој нема поминато на тоа место во градот. Не се чувствуваме безбедно едноставно, рече Бошковска.​

 

Додаде дека обвинетиот се обидува да го прикаже настанот како несреќен случај, но, според неа, тоа не може да се оправда, бидејќи, како што нагласи, обвинетиот Љури возел мотор „Кавасаки“ без возачка дозвола и без кацига, а по несреќата два дена бил во бегство.

– Обвинетиот вели дека ова е несреќен случај, дека на секој може да му се случи. Не, не може секому да му се случи ако свесно застанеш на таа патека. Тој вози огромен мотор „Кавасаки“ од 1000 кубици, без возачка дозвола, без кацига и го нема два дена, рече Бошковска.​

Во завршниот дел од изјавата, Бошковска изрази надеж дека судот ќе донесе најстрога пресуда и дека правдата ќе биде задоволена. –Очекуваме дека пресудата ќе биде на највисоко ниво и остра. Се надеваме дека ќе има правда, истакна Бошковска.

На денешното судско рочиште беа дадени завршни зборови на одбраната и обвинителството, со што заврши судскиот процес против Љури. Пресудата, ќе биде објавена на 29 декември оваа година.

Во својот завршен збор, бранителот на обвинетиот Љури, адвокат Гоце Ристески, побара Судот да ги земе предвид олеснителните околности што се однесуваат на обвинетиот и неговото семејство, нагласувајќи дека „обвинетиот живее во вонбрачна заедница повеќе од три години и дека неговата избраничка на 9 мај 2025 година во сообраќајна несреќа го изгубила својот брат“.

Во заклучокот, Ристески наведе дека обвинетиот е свесен за својот чин, дал признание и изразил искрено жалење за последиците, додавајќи дека согласно претходната судска пракса, за вакви дела се изрекуваат казни од три и пол до пет години затвор.

Во завршниот збор на обвинителството, пак, јавната обвинителка Маја Џабирева Велков посебно ја нагласи душевната болка на една од ќерките на починатиот, која по несреќата дознала дека го загубила своето бебе во третиот месец од бременоста. Обвинителката подвлече дека казнената политика во вакви случаи треба да придонесе кон изградба на повисоки стандарди на лична одговорност кај учесниците во сообраќајот и затоа нагласи дека „Судот преку заострена казнена политика мора да влијае врз изградбата на високи стандарди за лична одговорност на секој учесник во сообраќајот, како и врз создавањето чувство на безбедност“.

 

МИА

Најнови вести од: Македонија

Судиите и обвинителите пак бараат повисоки плати со само 2% доверба во правосудството

Судиите и јавните обвинители со уште еден обид за добијат повисоки плати во 2025 година и покрај тоа што од власта најавија дека ќе нема зголемување поради ниската доверба во правосудството. Овој пат користејќи го уставниот инструмент поднесени се иницијативи до ова тело да се оцену уставноста на донесената одлука во законодавниот дом во 2024 со која коефициентот им се намали во просек за 0,5 поени како дел од намалувањето на платите на функционерите заради реакцијата на јавноста за нагло зголемување на платите за 78% во 2023 и представува мешање во независноста.

Ѓорѓиевски ветува дека ќе нема толеранција за никого, па почна со казнети за оние кои свесно загадуваат

Секој што го загрозува здравјето на граѓаните ќе биде санкциониран, без грам толеранција. За здравјето нема компромис. Ниту за мене, ниту за вас, ниту за нашите деца, објави скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски на Фејсбук.

Струјата поскапува од 1 јануари, но не многу – сметките ќе пораснат за околу 60 денари

Сметките за струја од 1 јануари идната година ќе се зголемат од 57 денари месечно за домаќинствата што трошат само во првиот блок, до 900 денари за оние кои влегуваат во најскапиот, четврти блок. Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски појасни дека оваа одлука е конечна и донесена и покрај барањето на ЕВН хоум за значително поголемо зголемување на цената на струјата

To top