Собранието го донесе Законот за Судски совет, со 73 гласа „за“ и 1 „воздржан“.
Клучните измени се јавни седници во постапката за разрешување на претседател на Советот, прецизирање на критериумите за избор на „истакнат правник“, јавна расправа при избор на кандидати за не-судски членови за поголема транспарентност, зајакнување на критериумите за избор, одговорност и разрешување на членови од редот на судиите и други новини кои се во согласност со препораките на ЕУ.
„Со вака предложеното законско решение се уредуваат сите клучни прашања, изборот, одговорноста, мандатот на членовите на Судскиот совет, начинот на работа и одлучување, како и изборот,оценувањето и одговорноста на судиите и претседателите на судовите. Јасно е дефиниран во предложеното законско решение и принципот на политичка неутралност, односно членовите на Судскиот совет не смеат да членуваат во политички партии и според мене ова е темел и основа за независно судство“, вели Драгана Арсова од ВМРО-ДПМНЕ.
Новиот закон предвидува построги критериуми за членови на Судски од редот на истакнати правници, а предложени од Собранието и Претседателот на државата. Се бара најмалку 15 годишно работно искуство во правната професија, најмалку три препораки од универзитетски професор, адвокат или уставен судија.