„Оне Македонија“ , подружница на 4иГ Групацијата (4iG Group), е избрана за победник на националниот тендер за доделување 5G спектар во Македонија, соопшти вчера Агенцијата за електронски комуникации (АЕК)
Оваа одлука го отвора патот за лансирање на првата национална самостојна 5G мрежа (5G SA) во земјата и претставува значаен чекор напред во развојот на безбедна и идно ориентирана дигитална поврзаност во регионот.
„Оне Македонија“ беше единствениот учесник во тендерската постапка, со што ѝ се овозможува да изгради и управува со една од најнапредните и најбезбедни самостојни 5G мрежи во регионот. Согласно претходно соопштение на компанијата, Оне Македонија има склучено прелиминарен договор со Ериксон (Ericsson) за стратешка соработка во планирањето, дизајнот и имплементацијата на новата мрежа.
„Поставувањето на 5G мрежата и почетокот на комерцијалните услуги се планирани за крајот на март 2027 година, со долгорочна развојна мапа која предвидува целосна покриеност на урбаните средини и транспортните коридори до 2030 година, како и национален пристап до брз интернет до 2032 година“, велат од Оне Македонија.
Проектот има за цел да обезбеди брза, сигурна и безбедна мобилна поврзаност која ќе одговори на потребите на граѓаните, институциите и бизнисите, при целосна усогласеност со европските стандарди и вредности, се вели во соопштението.
„Новата мрежа ќе биде дизајнирана како стабилна, безбедна и идно ориентирана дигитална инфраструктура што ќе поддржи иновации и долгорочен економски раст“.
Оне Македонија вели дека, како дел од 4iG Групацијата, една од водечките технолошки и телекомуникациски компании во регионот на Централна и Источна Европа, ќе придонесе кон зајакнување на дигиталниот екосистем на Северна Македонија и забрзување на технолошкиот развој на земјата.
„4iG Групацијата веќе работи под брендот Оне низ Западен Балкан, нудејќи фиксни и мобилни услуги во Албанија и обезбедувајќи мобилни услуги во Црна Гора“.
4iG Nyrt., со седиште во Будимпешта и во мнозинска сопственост на унгарски акционери, е една од водечките телекомуникациски и инфо-комуникациски корпорации во Унгарија и регионот на Западен Балкан. Како компанија котирана на Будимпештанската берза, 4iG е препознатлива по својот иновативен и современ пристап. Како водечки унгарски телекомуникациски оператор и ИТ систем интегратор, 4iG игра клучна улога во дигиталната трансформација на регионот.
Како сопственик на ОНЕ Црна Гора и ОНЕ Албанија, 4iG Групацијата обезбедува услуги за речиси 2,2 милиони резиденцијални и 400 000 бизнис корисници низ Западен Балкан и е пазарен лидер во телекомуникациските и инфо-комуникациските услуги во регионот.
„4iG Групацијата е посветена на изградба на мрежи со користење технологии од доверливи и безбедни извори, во рамките на иницијативата „Clean Network“, се вели во соопштението на Оне Македонија.
„Со повеќе од 8.000 високо квалификувани професионалци, 4iG обезбедува врвни телекомуникациски и инфо-комуникациски услуги, прилагодени на постојано променливите потреби на пазарите на кои работи. Динамичната стратегија за експанзија на Групацијата ја зацврсти нејзината позиција како значаен играч во телекомуникацискиот сектор во Унгарија и Западен Балкан“.