Македонија

СДСМ да престане со напади кон новинари и медиуми, апелира АВМУ

Јавната комуникација, особено кога доаѓа од политички субјекти, мора да биде одговорна и да ја почитува улогата и автономијата на медиумите

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) изрази сериозна загриженост поради, како што наведува, континуираните етикетирања и јавни напади од страна на политичката партија СДСМ, насочени кон одделни новинари и медиуми.

Од Агенцијата потсетуваат дека слободата на изразување, медиумскиот плурализам и уредувачката независност претставуваат темелни демократски вредности, кои мора да бидат почитувани, особено во јавната комуникација што доаѓа од политички субјекти.

„Јавната комуникација, особено кога доаѓа од политички субјекти, мора да биде одговорна и да ја почитува улогата и автономијата на медиумите. Јавното дискредитирање или етикетирање на новинари и медиуми создава атмосфера на притисок, го поткопува јавниот дијалог и може директно да влијае врз безбедноста и професионалниот интегритет на новинарите“, се наведува во соопштението на АВМУ.

Агенцијата нагласува дека медиумите не смеат да бидат третирани како политички противници, ниту да бидат вовлекувани во партиски или политички конфронтации. Напротив, тие, како што се истакнува, треба да имаат можност непречено, слободно и без какви било притисоци да ја извршуваат својата професионална улога, во интерес на јавноста и демократските процеси.

Во соопштението, АВМУ упатува и јасен апел до сите политички субјекти да се воздржат од реторика која придонесува за поларизација, притисок или дискредитација на медиумите и новинарите, и да ја почитуваат нивната уставна и професионална улога во демократското општество.

Најнови вести од: Македонија

Македонската култура во фокусот на 35. Меѓународен саем на книгата во Абу Даби

Во рамки на програмата „Балканска култура – почесен гостин“, Македонија на посетителите им претставува дел од своето богато и повеќеслојно културно наследство, како и современата книжевна продукција

Модернизиран команден центар, „Безбеден град“ ставен во функција во Велес

Новиот команден центар е сместен во целосно реконструирани и реновирани простории кои во минатото биле користени од Министерството за одбрана, а потоа околу 15 до 20 години не биле во употреба. Со нивното ставање во функција, СВР Велес добива современ простор од кој се реализираат активностите поврзани со системот „Безбеден град“

Крст во чест на 63-те жртви од „Пулс“ поставен на влезот во Кочани

Овој крст ќе нè потсетува и на болката и трагедијата што се случи овде во нашиот град. На повредените нека им подари здравје, сила и поткрепа да закрепнат и дај Боже постојано да останеме во заедница, во љубов со Бога, со силата на крстот

СДСМ бара истрага за 5,5 милиони евра за прославата

Пет милиони евра народни пари кога ќе се потрошат, граѓаните мора да знаат секој денар, секое евро каде завршило. Владата мора да ги објави договорите, анексите, фактурите, банкарските исплати, примателите, изведувачите, добавувачите и пресметаните даночни обврски

Мицкоски: Потврдувањето на кредитниот рејтинг од страна на „Фич“ е уште една лоша вест за опозицијата

​Три години водат кампања дека секоја година само што не сме банкротирале, буџетот бил без пари, економијата назадувала и така натаму. ​Одговорите стигаат од сите страни, од Светска банка, од Меѓународниот монетарен фонд, еве и од сега од реномирани кредитни агенции како што е „Фич“

To top