Македонија

(Фото): Ќе има ли раст на работничките, а кратење на функционерските плати?!

Синдикатите бараат итно зголемување на минималната плата на 600 евра и линеарен раст од сто евра за сите други, додека Владата застапува модел на постепен раст. Формулата што ја предлага Владата предвидува кумулативно зголемување од околу 40 проценти до 2028 година, со годишни нивелации меѓу седум и осум проценти.

Сојузот на синдикати на Македонија поднесе иницијатива за намалување на функционерските плати за 80 отсто. Иницијативата е поднесена до Собранието и до сите пратенички групи. Во иницијативата, објавена од ССМ на нивната фејсбук-страница, се вели дека членот 11 од Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката се менува и се додава дека основицата за пресметување треба да е минималната плата, според податоците на Државниот завод за статистика.

Во членот 2 од иницијативата се додава дека коефициентите за утврдување на надоместокот на плата на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица се намалуваат за 40 проценти.

Од Владата, пак, излегоа со формула за пресметување на платите на вработените во администрацијата.

  • Формулата што ја нуди Владата во врска со тоа како ќе следува покачувањето на платите на административците, етапно ќе значи повисоки примања за нив, а не само за онолку средства колку што ќе расте минималната плата – посочи премиерот Христијан Мицкоски.

Тој истакна дека во разговорите, дел од раководството на ССМ се повикува на Општиот колективен договор што го има потпишано Синдикатот со претходната Влада, кој, иако е истечен, во преодните и завршните одредби стои дека тој е во функција сè додека не биде потпишан нов колективен договор. Појасни дека поради различно толкување на начинот на утврдување на висината на платите во јавната администрација, може да резултира со проблеми во пресметувањето, така што Владата, поради тоа, предлага унифициран образец според кој би се утврдувала висината на личните доходи.

  • Доколку ја примениме оваа формула, тогаш, при исплатата на личните доходи, ќе се создаде какофонија, бидејќи постојат неколку документи што ја дефинираат платата, кои може да се толкуваат различно. Ние сакаме унифициран образец по кој ќе се исплаќаат платите за администрацијата. Еден од трите члена каде што се дефинираат платите во Општиот колективен договор да го суспендираме и во периодот додека важи овој договор што ќе го постигнеме, да преговараме за нов општ колективен договор. Тоа е некаде три години. Јас ценам дека за три години, ако се седне, ќе се направи многу повеќе отколку нова верзија на Општиот колективен договор. Доволно сме зрели и одговорни и мислам дека е тоа сосема доволно време – рече Мицкоски

Инаку, функционерите сега со февруарската плата која ќе ја добијат во март треба да добијат по 200 до 300 евра покачување на платите, односно за процентот колку што пораснала просечната плата минатата година. Државниот завод за статистика на 20-ти февруари треба да го објави податокот за декември, но според проценките на аналитичарите таа лани има раст за над 9 проценти.

 

Најнови вести од: Македонија

Николовски: Од септември Скопје ќе ги добие првата делница од Градскиот воз и првите 30 нови автобуси

Од септември Скопје ќе ја добие првата делница од Градскиот воз од Зелениково до транспортниот центар, како и првите 30 нови автобуси доколку успешно заврши јавната набавка по Велигденските празници, истакна во вчерашното гостување во “Само Интервју”, заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски.

МВР во акција: за 24 часа приведени 10 возачи!

Во текот на изминатото деноноќие на целата територија на државата, полициските службеници лишија од слобода десет возачи за безобѕирно управување возило, од кои по четворица управувале возило без возачка дозвола и под дејство на алкохол, еден во спротивна насока и еден и покрај тоа што имал активна забрана, информираат од Министерството за внатрешни работи.

Хоџа: „Албанија го поддржува студентскиот протест во Скопје и бара да не се оспорува уставното право на употребата на албанскиот јазик во РСМ“

„Ферит Хоџа, министерот за Европа и надворешни работи во Владата на Албанија, денес на прес-конференција истакна дека треба да има решение за студентите-Албанци во С.Македонија, кои бараат да полагаат правен испит на својот албански јазик, бидејќи, според него, албанскиот јазик е уставно и неоспорно право.“ – објави информативната агенција на албански јазик Илирија-ИНА.

To top