Македонија

Мицкоски: Фокусирани сме на спроведување на реформската агенда и воведување ред во државата

Ќе имаме можност да почнеме еден циклус средби, односно брифинзи со претставници на земјите членки на Европската Унија, кои се резидентни во нашата земја, и ценам дека на овој начин можеме поблиску да ги доближиме активностите што како Влада ги правиме, а се поврзани со реформската агенда, истакна премиерот Христијан Мицкоски на денешниот брифинг за реформската агенда со амбасадорите на земјите членки на Европската Унија.

Тој посочи дека некои од реформите се реализираат, но други, како што реќе, од објективни причини нема да се реализираат и за тоа се известени претставниците на меѓународната заедница.

– Како Влада кога бевме избрани пред неполни 20 месеци, имавме индикативна листа на чекори што треба да ги реализираме, практично првата една и пол година се одобруваа, се усвојува и слично, работејќи со ЕУ, за некаде на почетокот на 2025 година да се заокружи тој процес и почнаа чекорите да се реализираат, нормално додека се засили тој процес, ценам дека беа испорачани одреден број чекори, а потоа се распишаа локалните избори и поради нашето домашно законодавство, ние не успеавме таа динамика да ја следиме во зависност од нашите амбиции. И бидејќи тогаш парламентот е во т.н. техничка форма и не работи, како и другите институции, имавме неколкумесечна пауза. Но, веднаш по локалните избори, некаде од ноември, интензивно се работеше на реформската агенда и на реализирање на чекорите што се дел од неа, како и на оние чекори што можеме да ги реализираме. Тие што не можеме, објективно кажуваме зошто не можеме бидејќи не би сакале да бидеме Влада што што едно ветува пред нашите партнери од меѓународната заедница, а друго прави зад завесата. Тоа што можеме да го испорачаме, ќе го испорачаме, за она што не можеме, ќе ги дадеме нашите аргументи зошто не можеме и сме подготвени секогаш на искрен дијалог и разговор со нашите партнери од меѓународната заедница, особено со нашите партнери од ЕУ – нагласи премиерот Мицкоски.


Премиерот порача дека оваа година нема да има избори бидејќи Владата е фокусирана на исполнување на реформите и воведување ред во државата.
– Нема да имаме избори оваа година. За да немаме дилема, бидејќи честопати некои од вас ме прашуваат дали ќе имаме избори, еве самата оваа амбициозна агенда вели дека оваа година нема да имаме избори затоа што сме фокусирани на реформа и воведување ред во државата. Такви се проектите „Безбеден град“, за жал, некои од опозицијата тоа го злоупотребуваат и се обидуваат повторно да политизираат, а други да етнизираат. Потоа, борбата со криминалот и корупцијата, одредени закони што ќе значат безбедност за здравјето на граѓаните, како законот против пушењето. Работиме со „стејкохолдери“, со производителите, оние страни што се засегнати, како што е секторот угостителство и туризам, и мислам дека во овие неколку недели ќе дојдеме до решение што сите заедно ќе го поддржиме. Тука исто така има и други закони, како што е законот за игри на среќа, законите што се дел од правосудството, некои ги поминавме, а другите ќе ги поминеме во вторник на владина седница – истакна премиерот.

Тој додаде дека оваа година земјава има прилично амбициозна реформска агенда, која, како што нагласи, сакаат да ја завршиме. – Целта е да ја напишеме домашната задача, а потоа е до земјите членки на ЕУ како понатаму – истакна тој.

Премиерот Мицкоски заклучи дека следен брифинг би одржале во март, па во јуни и потоа, како што рече, би брифирале најмалку еднаш квартално сè со цел да ги информираат меѓународните претставници во однос на реализираните чекори од реформската агенда.

Текст и фотографија на Македонска информативна агенција – МИА

Најнови вести од: Македонија

Пола Скопје ќе биде затворено за сообраќај – стартува 22. издание на „Виз Ер“ Скопскиот маратон

Од Министерството за внатрешни работи апелираат граѓаните да го избегнуваат движењето по овие сообраќајници во периодот од 06:00 до 14:00 часот и да ги почитуваат наредбите на полициските службеници на терен.

(Видео): Државата е енергетски стабилна, се очекува поевтинување на горивата, вели Мицкоски

Државата не е голем потрошувач на гас и постои план за справување со можните предизвици, велат од Владата. Премиерот кажа и дека разговарал со големите нафтени компании. Премиерот очекува и поевтинување на горивата веќе од следната недела.

Во пресрет на грејната сезона – парно, струја, дрва: Што најмногу го празни џебот?!

Најефикасното, но и најскапо современо решение е топлотна пумпа систем воздух-вода. Оваа инвестиција бара помеѓу 6.500 и 9.000 евра, иако потоа месечната потрошувачка на струја за целата куќа е приближна на трошокот за два инвертер уреди. За домаќинствата кои немаат буџет за вакви системи, поставувањето на три поквалитетни инвертер клими со инвестиција од околу 2.500 евра.

Секоја десетта цигара во ЕУ е нелегална, црниот пазар ја опфаќа и Македонија

Предизвик за европските институции не е само растот на нелегалното производство, туку и неусогласениот начин на кој земјите му се спротивставуваат. Националните системи за контрола и спроведување значително се разликуваат, кривичните дела и казните не се доволно хармонизирани, а и натаму постојат празнини во соработката и размената на информации меѓу надлежните институции.

Секоја генерација треба да знае за хероите кои го дадоа животот за Македонија, рече министерот за одбрана

Покровител на турнирот е Министерството за внатрешни работи, а тој се организира во соработка со Министерството за одбрана, Бирото за јавна безбедност и здруженијата на загинатите бранители.

To top