ССМ два часа го блокираше Собранието со порака: „Добро утро на сите, освен на пратениците“. Протестот е прв од трите најавени блокади на институциите, со кои синдикатот врши притисок да се прифатат барањата за покачување на минималната плата и подобрување на работничките права.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, вели дека повторно ќе го поднесат предлог-законот за минимална плата од 600 евра и дека државата има пари да го издржи тоа, но ги троши на комоција и „луксузирање“ на власта. Филипче оцени дека стандардот на работниците е влошен, дека цените растат без раст на платите и дека синдикалната кошничка надминала 66.000 денари.
Филипче тврди дека барањето за 600 евра минимална плата е во линија со протестните пораки на синдикатите и дека законот се поднесува откако претходно, бил одбиен кон крајот на 2024 година.
Премиерот Христијан Мицкоски, пак, останува на ставот дека протестите организирани од ССМ се политички инструирани. Тој кажа и дека Владата како најголем работодавач си ги регулирала своите обврски, алудирајќи на постигнатиот договор за раст на платите во администрацијата.
Тој посочи дека еден од тие што протестирале, пред некој ден заедно со него држел прес-конференција и посочил дека е постигнат историски договор. Станува збор за околу 11.000 административци кои не беа покриени со гранков договор и за нив се договори постепено зголемување на платите до 2028 година за 40%.
Денешниот протест, пак беше за зголемување на минималната отплата и на сите други плати соодветно.