Македонија

Љутков до Синдикатот на културните работници: Избравте судир и создавање на криза

Евентуално поништување на Колективниот договор, ќе биде неизбежна последица на долготрајниот застој, систематското одбивање за дијалог и институционален притисок од страна на раководството на СКРМ, смета министерот

Во реакција на однесувањето на Сондикатот на културните работници министерот за култура Зоран Љутков порачува дека раководството на СКРМ е против реформите и дијалогот.

Љутков смета дека раководството на СКРМ веќе подолг период свесно и тенденциозно пласира неточни информации во јавноста, со јасна намера да создаде погрешна слика дека тој, како министер за култура, делува против интересите на културните работници.

,,Ваквиот пристап е неодговорен и претставува обид за манипулација на јавноста и инструментализирање на културниот сектор за политички цели.

Во ниту еден момент не сум ги довел во прашање правата на културните работници. Напротив, континуирано и активно се залагам за реален, а не декларативен социјален дијалог. Тоа е потврдено преку бројни иницијативи за состаноци и отворена комуникација, кои од страна на СКРМ често се игнорираат или одбиваат.

Фактот што колективниот договор е истечен веќе четири години е сериозен институционален проблем. Овој застој не е резултат на недостиг на волја од моја страна, туку на однесувањето на раководството на СКРМ, кое наместо конструктивен дијалог, избра конфронтација и создавање на кризи”, пишува Љутков.

Тој вели дека дополнително, нивното јавно пласирање информации поврзани со судски процеси пред тие да бидат донесени претставува сериозен обид за притисок врз независноста на судството и создава неприфатлив преседан.

Поднесените иницијативи пред Уставниот суд се дел од демократскиот и институционален процес. Уставниот суд е единствен надлежен да ја оценува уставноста на правните акти, а не синдикалните раководства кои се обидуваат да преземат таква улога, смета министерот.

,,Доколку дојде до поништување на Колективниот договор, тоа ќе биде директна и неизбежна последица на долготрајниот застој, систематското одбивање за дијалог и институционален притисок од страна на раководството на СКРМ. Јас лично се надевам дека до таков исход нема да дојде, но фактите јасно покажуваат дека Колективниот договор повеќепати е оспоруван пред Уставниот суд како директен резултат на нивниот пристап, кој наместо решение, произведува блокади и нови проблеми”, вели Љутков кој бара синдикалните организации да се вратат на својата основна функција заштита на правата на работниците и да се воздржат од политичко делување, притисоци врз институции и мешање во процеси кои не се во нивна надлежност.

,,Обидите моето институционално делување да се претстави како „предавство“ се неосновани, навредливи и политички мотивирани. Вистински проблем претставува токму користењето на културните работници како инструмент за лични и политички пресметки.

Културните работници не смеат да бидат заложници на раководство кое наместо да работи во нивен интерес, систематски шири дезинформации, создава поделби и ја попречува можноста за конструктивни решенија.

Прашањето за финансиските импликации не е негирање на права, туку прашање на одговорно и одржливо управување со јавните финансии. Секој колективен договор мора да биде реален, спроведлив и во согласност со буџетските можности.

Зголемениот буџет за култура е конкретен доказ за мојата посветеност како министер кон подобрување на условите во културниот сектор, преку мерки и политики, а не преку празни декларации.

Потребно е враќање на професионалниот дијалог и прекин на политичките манипулации. Културата заслужува стабилност, институционална зрелост и партнерство, а не притисоци и лажни наративи”, порачува министерот.

Најнови вести од: Македонија

Преговорите за решавање на проблемот на транспортерите за влез и излез од ЕУ се одвиваат добро, вели Николоски

Министерот за транспорт Александар Николоски вели дека преговорите за решавање на проблемот на транспортерите по воведувањето на ЕЕС системот за влез во ЕУ одат добро и оти до 30 септември кога тој треба да почне да се применува за македонските транспортери има време да се завршат сите процедури

Ѓорѓиевски: Се комплетира првата фаза од булеварот „Македонија“, со кој Скопје ја добива првата подземна сообраќајница

Се поставуваат последните слоеви асфалт на потегот од Стара Рампа до семафорите кај Црвениот Крст, на еден од најзначајните, но и за мене особено важни инфраструктурни зафати во градот, булеварот „Македонија“, објави денеска градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски на својот фејсбук профил

По повод Цветници црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Дебар преполна со верници од сите делови на државава

Црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Дебар беше претесна да ги прими повеќето стотици верници, кои ги имаше од сите делови на нашата држава, кои пристигнаа по повод празникот на влегувањето на Господ Исус Христос во Ерусалим – Цветници, како најава за конечниот триумф на животот над смртта

Денеска е Цветници – Влегување на Исус Христос во Ерусалим

Православните христијани денеска го слават празникот Цветници познат уште и како Цветоносна недела и Врбица. Овој празник ја одбележува последната недела пред почетокот на Исусовите страдања, смртта и Воскресението

Најнови вести

To top