Бизнис

Ќе има ли поевтинување на храната по Велигден?!

По Велигден, прашањето кое се поставува е дали ќе има поевтинување на храната или цените ќе продолжат да растат. Владата најави мерки за утре, но засега без конкретни детали. Во изминатите денови, цените на дел од прехранбените производи покажуваат раст, додека очекувањата кај граѓаните се дека по празниците ќе следи стабилизација.

Македонската Влада најави дека ќе проверува дали има шпекулативно однесување на пазарот и дали мерките ќе бидат објавени и што точно ќе опфатат. Економистите предупредуваат дека пристапот мора да биде внимателен. Паралелно, цената на барел сурова нафта повторно се качи над 100 долари за барел и вчера изнесуваше 104 долари, што е за 9 отсто повеќе од саботата, пред почетокот на разговорите меѓу САД и Иран, кога изнесуваше 95,2 долари. Дали последниот раст на цената на нафтата на светските берзи ќе ја промени најавата за ново намалување на цените на горивата? Премиерот Христијан Мицкоски кажа дека се исполнети условите да се намалат акцизите за дизелот за 4 денари, а на бензините по 2 денара за литар. Поради тоа, со денешната одлука на Регулаторната комисија за енергетика се очекува бензините од 95 и од 98 октани да поевтинат за околу 1,5 денари за литар, додека дизелот се очекува да биде поевтин за 2,5 денари.

  • Берзата за нафтата се затвори во четвртокот, поради велигденските празници и нашите калкулации покажуваат дека дизелот требаше да поскапи некаде околу 7 денари, а бензините 1,5 до два денари. Со промената на акцизите, претпоставувам дека цената на дизелот в понеделник ќе се коригира за околу 3 денари. Имајќи предвид дека полека, но сигурно истекува попустот што го дава „Окта“ од 3 денари за дизелот, ќе ги обновиме разговорите со неа за да видиме дали ќе го продолжи попустот и понатаму – изјави Мицкоски.

Ако продолжи договорот со „Окта“, ќе нема зголемување за дизелот од максималната цена што ја утврдува Регулаторната комисија за енергетика. За бензините значи дека ќе поевтинат околу половина денар и доколку „Окта“ го продолжи попустот од два денари за литар, тоа значи дека ќе имаме повторно намалување за 2,5 денари на цената на бензините.

Намалената акциза ќе влијае со десетици милиони евра на буџетот, но додаде дека во буџетот има доволно средства поради домаќинското работење, рече Мицкоски и најави дека за уште две недели ќе продолжи и мерката за намалено ДДВ за горивата од 10 проценти, а за понатаму, како што кажа, ќе се следи состојбата и ќе се реагира навреме. Од Владата посочија дека мерките нема да бидат општи, туку насочени кон одредени категории граѓани и кон основните прехранбени производи. Во најавата се мерки како намалување на ДДВ и ограничување на профитната маржа на трговците.

Глобалните случувања со конфликтот на Блискиот Исток се одразија и на домашните цени. Пред Велигден поскапеа јајцата, маслото за јадење, лебот и белите печива. Се забележува поскапување кај речиси сите производи, но најголемото е кај овошјето и зеленчукот. На сила остануваат мерката за намалување на ДДВ за бензините и за дизелот од 18 на 10 проценти и одлуката за усогласување на акцизите, со која Регулаторната комисија за енергетика може да постапува.

Најнови вести од: Бизнис

Каматите мируваат, новите кредити поскапи – монетарно движење во април

Просечната каматна стапка на вкупните депозити на годишна основа бележи намалување од 0,04 п.п., при што во април таа изнесува 2,16%, наведува Народна банка. Просечната каматна стапка на вкупните кредити, во април 2026 година, изнесува 4,70% и е непроменета во однос на претходниот месец, додека на годишна основа оствари пад од 0,41 п.п. Просечната каматна стапка на вкупните депозити бележи месечно и годишно намалување од 0,02 п.п. и 0,04 п.п., соодветно и изнесува 2,16%.

Ристески на средба со винариите: Упатен повик за аплицирање на достапната институционална поддршка

Владата и Министерството за економија и труд се партнери на домашните винопроизводители, само преку заеднички дијалог и соработка можеме да креираме квалитетни политики кои ќе овозможат долгорочен развој на македонската винска индустрија и лозарство.

To top