„СДСМ живее во земјата на лагите и конструкциите“ – со вакви зборови премиерот Христијан Мицкоски ја критикуваше опозициската СДСМ, тврдејќи дека нивните прогнози за банкрот и кризи не се оствариле, туку напротив – економијата бележи позитивни резултати.
„СДСМ изминатиов период живее според читанката Алиса во земјата на чудата.
Јас повеќе тоа би го класифицирал како СДСМ во земјата на лагите и конструкциите. Во текот на минатата година, СДСМ велеше дека државата ќе банкротира. Не банкротираме, напротив, ја завршивме со еден од најдобрите пет економски резултати во Европа според раст на бруто домашниот производ.
Потоа ја лажеа јавноста дека во април месец ќе дошле мигранти. Еве, на средина на април сме – мигранти, јас не видов, сè уште во Македонија.
Потоа велеа дека само што не сме банкротирале, а веќе пензионерите и вработените кои добиваат плата од владата, на први април добија повисока плата, и за прв пат се постигна историски договор со синдикатите УПОС и САДУ за вработените во државната администрација.
Многу пати до сега СДСМ кажуваше работи кои можеби звучеа интересно за ушите на одредена јавност, но во суштина тоа ништо не се случуваше и немаше апсолутно никаков ефект во рамките на државата“, вели Мицкоски.