Македонија

Општата хирургија ќе трае пет наместо шест години – започнува голема реформа во здраството

Реформата треба да помине владина процедура, а примената започнува од оваа академска година.

Од новата академска година на медицинските факултети во Скопје, Тетово и Штип ќе важат нови програми за специјализација по интерна медицина и општа хирургија. Реформата има за цел да се создадат лекари со пошироки знаења и посилни практични вештини, особено способни за брзо справување со итни и сложени медицински состојби.

Министерот за здравство Азир Алиу изјави дека досегашниот систем произведувал премногу тесно специјализирани кадри, кои потешко се снаоѓале во секојдневната клиничка практика.

„Воведуваме засилена практична обука, особено во ургентната медицина и интензивната нега. Целта е да создадеме интернист кој може самостојно да управува со сложени и итни состојби“, рече министерот Алиу.

Со новата програма, идните специјалисти по интерна медицина задолжително ќе го изучуваат и користењето на ултразвук како стандардна дијагностичка алатка, што ќе овозможи брзи одлуки во реално време. Ќе бидат воведени и конкретни практични вештини кои секој специјалист мора да ги совлада.

Кај општата хирургија, траењето на специјализацијата се намалува од шест на пет години. Според Алиу, целта е да се формира „флексибилен и функционален хирург“ кој ќе може да одговори на реалните потреби на болниците, особено во внатрешноста на земјата.

Деканот на Медицинскиот факултет во Скопје, проф. д-р Светозар Антовиќ, истакна дека суштината на реформата е лекарите прво да добијат широка основа, а потоа да се усовршуваат во потесни гранки.

„Да добијат звање општ хирург или општ интернист, а не веднаш да одат во тесни супспецијалности. Тоа ќе овозможи многу подобра здравствена заштита на целата територија на државата“, рече проф. Антовиќ.

Претседателката на Лекарската комора, д-р Калина Гривчева-Старделова, ја оцени реформата како неопходна, особено за задржување на лекарите во земјава.

„Лекарот ќе го задржите ако му дадете работа и квалитетно образование. Интерната медицина и општата хирургија се основа и мора да ја има секој лекар“, истакна таа.

Таа додаде дека сегашниот систем создава сериозни проблеми во помалите градови, каде лекарите често се соочуваат со пациенти од различни области, но се ограничени од својата тесна специјализација. Според неа, околу 70 отсто од пациентите завршуваат во клиничките центри, што покажува дека секундарното здравство е недоволно развиено.

Со новите правила, студентите кои се запишани до трета година ќе можат да се префрлат на новата програма, додека останатите ќе продолжат според старата. За веќе специјализираните лекари предвидени се дополнителни обуки за усогласување.

Реформата треба да помине владина процедура, а примената започнува од оваа академска година.

Најнови вести од: Македонија

To top