Македонија

Сиљановска-Давкова го прогласи за отворенo 27. Светско првенство во ракомет за средношколци

За нас, ракометот не е само спортска дисциплина, туку и дел од националниот идентитет, извор на гордост и мегдан на којшто со години достоинствено се претставуваме

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вечерва на плоштадот „Македонија“ во Скопје го прогласи за отворено 27. Светско првенство во ракомет за средношколци, на коешто учествуваат околу 700 млади ракометарки и ракометари од 20 држави од светот.

Во своето обраќање, Сиљановска-Давкова потсети на македонските ракометни успеси, меѓу кои и историскиот настап на македонската репрезентација на Европското првенство во 2012 година, како и европските титули на РК „Вардар“ во 2017 и 2019 година и успесите на ЖРК „Кометал Ѓорче Петров“.

„За нас, ракометот не е само спортска дисциплина, туку и дел од националниот идентитет, извор на гордост, мегдан на којшто со години достоинствено се претставуваме. Се изнедрија генерации спортисти, кои станаа пример за дисциплина, одговорност и тимска игра, а токму тие доблести имаат и поширока вредност, зашто подеднакво се потребни и надвор од теренот, во општеството и во секојдневниот живот“, нагласи Сиљановска-Давкова, додавајќи дека за неа ракометот е повеќе од игра, животна филозофија во којашто се спојуваат дисциплината и страста, разумот и храброста, личниот напор и колективниот дух, стои во соопштенито од кабинетот на претседателката.

Во младите ракометари, таа гледа не само претставници на нивните училишта, градови и држави, туку витези во спортот што чесно победуваат, достоинствено го поднесуват поразот и секогаш го почитуваат противникот.

Прогласувајќи го 27-то Светско првенство во ракомет за средношколци за отворено, претседателката потсети дека Скопје е град со долга историја, култура и космополитска енергија и претстојна ,,Европска престолнина на културата во 2028″, и дека ќе ги пречека искрено и топло, како што доликува на добар домаќин.

Во продолжение е интегралниот говор на претседателката Сиљановска-Давкова.

Почитувани,

Со особено задоволство ве поздравувам вечерва, овде на плоштадот ,,Македонија”, каде што ќе го означиме почетокот на 27-то Светско првенство во ракомет за средношколци.

Не постои посоодветно место за отворање на еден ваков настан од просторот којшто повеќепати пулсирал во ритамот на ракометот, памети големи победи, френетични прослави и мигови во коишто спортот успевал да ги обедини граѓаните.

Да потсетам, во 2012 година, недалеку од порта „Македонија“ ја пречекавме македонската репрезентација предводена од капитенот Кире Лазаров, по извонредниот настап на Европското првенство, каде што го освои високото петто место. Тој успех не беше случаен блесок, туку резултат на макотрпната работа на генерацијата што знаеше да игра со ум, со мерка и со самодоверба. Тогаш македонските ракометари докажаа дека во спортот нема мали и големи држави, туку само храбри срца, јасна цел, силен карактер и непоколеблива верба во сопствените можности.

Пет години подоцна, на истово место, повторно се славеше историски подвиг. Македонскиот ракометен клуб ,,Вардар” стана европски шампион, а во 2019 година уште еднаш се искачи на врвот на ракометна Европа. Со тие величествени триумфи се потврди дека македонскиот ракомет има капацитет да се натпреварува со најсилните европски клубови.

Неделава, Скопје ќе биде дом на над 700 млади спортисти од 20 држави, обединети од страста кон ракометот. Во разноликоста на јазиците, богатството на културите и развиорените знамиња се манифестира вистинската моќ на спортот: да создава здрав дух, да поттикнува извонредност и да ги зближува младите.

Ракометот е редок спој на брзина и разум, сила и мерка, индивидуална смелост и колективна прецизност. Во него нема мирување, нема скриено место, нема можност некој да остане настрана. Топката патува брзо, одлуките уште побрзо, а секоја грешка веднаш станува предност за противникот. Голманот брани како последна линија на надежта, нападот гради простор таму каде што навидум го нема, а последните секунди неретко носат повеќе возбуда отколку цели натпревари во други спортови.

За нас, ракометот не е само спортска дисциплина, туку и дел од националниот идентитет, извор на гордост и мегдан на којшто со години достоинствено се претставуваме. Се изнедрија генерации спортисти, кои станаа пример за дисциплина, одговорност и тимска игра, а токму тие доблести имаат и поширока вредност, зашто подеднакво се потребни и надвор од теренот, во општеството и во секојдневниот живот.

Не случајно се вели дека ракометот е своевиден микрокосмос на теоријата на општествениот договор. Во него личната амбиција се потчинува на заедничката цел, а индивидуалниот талент добива вистинска вредност кога е ставен во служба на тимот. Истовремено, тој има драгоцена улога во развојот на младите, бидејќи поттикнува соработка, меѓусебна доверба и учи дека разликите и конфликтите можат да се надминуваат во интерес на општото добро.

Затоа, ракометот е повеќе од игра, животна филозофија во којашто се спојуваат дисциплината и страста, разумот и храброста, личниот напор и колективниот дух.

Не можам, а да не кажам дека ракометот има посебно место и во мојот живот, бидејќи растев покрај сестра ми, која беше ракометарка. Така одблизу го запознав светот на тренинзите, одрекувањата и упорноста.

Како жена, со особена гордост се потсетувам дека и женскиот ракомет остави длабока трага во македонската спортска историја. Во 1997 година, Индира Кастратовиќ беше најдобар стрелец на Светското првенство. Пет години подоцна, „Кометал Ѓорче Петров“ ја освои европската Лига на шампиони. Со овие успеси македонскиот спорт доби нова димензија, а многу млади девојки потстрек дека и навидум невозможното е возможно.

Искрено посакувам како што нашата Индира стана дел од ракометната куќа на славните, така и некои од вас, еден ден да застанат меѓу имињата што овој спорт ги памети.

Драги учесници,

Вие не сте овде само како претставници на вашите училишта, градови и држави. Вие сте млади луѓе кои преку спортот учат како чесно се победува, како достоинствено се поднесува поразот и како се почитува противникот, без кого не би постоел ниту натпреварот, ниту вистинската вредност на победата.

Медалите ќе им припаднат на најдобрите, но искуството, новите пријателства и вредните спортски лекции ќе им останат на сите.

Убедена сум дека Скопје ќе ве пречека искрено и топло, како што доликува на град што знае да биде домаќин, град со богат културен живот и космополитска енергија, којшто во 2028 година ќе го носи достоинственото признание „Европска престолнина на културата“.

Дозволете ми да го прогласам 27-то Светско првенство во ракомет за средношколци за отворено!

Најнови вести од: Македонија

Завршни зборови во морбидниот случај за убиството и касапењето на телото на 79-годишна жена од Штип

Ги сакал жените и никогаш не би кренал рака на нив -со овие зборови обвинетиот Денис Асанов, во јавноста познат како „касапот од ШТИП„ поради убиството на 79 годишната Борјанка Николова, што се случи лани во ноември, ја негираше својата вина во завршните зборови пред основниот суд во Велес. Обвинителството, пак посочувајќи на бруталноста на […]

Видео: Пораки од телефон ја отвараат приказната против експретседателката на Антикорупциска Димитровска

Еден ручек . Толку ја чинело експретседателката на Антикорупциска Татјана Димитровска полагањето на тестот за безбедносен сертификатат. Но, не е сигурно дека нејзиниот колега Миле Столевски кој полагал наместо неа, ќарил ручек. Ова произлегува од пораките кои обвинителството ги прочита пред судот со кои ја товари Димитровска за комјутерски фалсификат. Експретседателката и обвинетиот Столевски го […]

To top