Опозициската Демократска партија во Албанија денеска објави остри обвинувања против министерот за надворешни работи Ферит Хоџа, тврдејќи дека во групна комуникација на „Вацап“ употребил навредлив израз кон Албанците во Македонија.
Според телевизијата „Топ ченл“, пратеничката Белинда Келичи и шефот на пратеничката група на Демократската партија, Газмент Барди, објавиле порака во која, како што тврдат, Хоџа наводно рекол: „Што велат тие албански идиоти“.
Газмент Барди ја нарече изјавата „скандалозна и неприфатлива“ и побара итна оставка од министерот Хоџа.
„Оваа изјава е достојна само за Никола Пашиќ или Васа Чубриловиќ. Таквата реторика е спротивна на член 8 од Уставот на Република Албанија. Ферит Хоџа мора веднаш да поднесе оставка. Премиерот Еди Рама има политичка и институционална обврска јавно да се дистанцира од оваа навредлива реторика која потсетува на темната минатост“, изјави Барди.
Од Министерството за Европа и надворешни работи на Албанија категорично ги отфрлија обвинувањата. Портпаролот Алтео Хиси соопшти дека публикациите дистрибуирани на социјалните мрежи се невистинити и немаат никаква врска со реалноста.