
Милошоски истакнува: Целата јавност во овој скандалозен случај виде перење на пари, криминал и труење на животната средина, само Ислам Абази не виде ништо. Постапката е запрена. Бегалецот е слободен. Довербата во правосудството од 2 проценти, со обвинители како Ислам Абази ќе падне и на 1 процент. Пред неколку часа дознавме дека е запрена постапката против Васко Ковачевски и другите за набавка на мазут. Обвинителството вели дека немале докази, но зарем бегството на Васко Ковачевски не е доказ, или силно укажување дека осомничениот бега од правдата? Ковачевски не е во Македонија. Побегна кон крајот на 2024 година и оттогаш за органите на прогонот не е достапен. И наместо тоа да биде дополнителна индиција и мотив Обвинителството да го води овој случај, за обвинителот Абази тоа стана решение да го затвори овој случај. Нема присутен обвинет, нема водење постапка, особено не ако припаѓаат на спонозорите на Ислам Абази.
Ова е трагичната шема по која работат остатоците од власта на СДС и ДУИ во судството и обвинителството. Антикорупциската комисија утврди дека на фирмата РКМ ѝ биле платени повеќе пари за помалку доставен мазут. Дури 18 илјади тони помалку мазут е скапо наплатен. Парите отишле во нечии џебови, а мазутот не дошол. Дали дел од тие пари отишле кај менторите на Ислам Абази како обвинител? Сега ни кажуваат дека нема штета. Дека сè било законски исклучок. Дека енергетската криза оправдувала секаква постапка. Но ниедна енергетска криза не оправдува анекси кои менуваат услови во корист на ист добавувач и плаќање на недоставен мазут.
Денес поставуваме три прашања за кои очекуваме одговор: (1) Зошто Ислам Абази одлучи да ја запре оваа постапка и врз основа на чија проценка? Дали проценката е правна, или од користољубие? (2) Зошто запирањето дојде токму сега, додека Ковачевски е надвор од земјата и е недостапен за органите на прогонот? (3) Дали некој воопшто го побарал сведочењето на сите засегнати страни пред да се донесе оваа контроверзна и користољубива одлука?
Ковачевски треба се врати. Да одговара. Ако е невин, нека го докаже тоа пред судовите, а не преку бегство и користољубиво затворање на овој предметот. Ние нема да го затвориме овој случај само затоа што Ислам Абази одлучи на контроверзен начин да го затвори ова досие.