
Натаму на општествената мрежа шефицата на македонската држава Сиљановска-Давкова истакна: Благодарам за срдечниот и пријателски пречек од страна на претседателката на Република Словенија, Наташа Пирц Мусар. Предмет на разговорот беа билатералните односи, македонската европска интеграција, актуелните геополитички состојби, безбедносната архитектура на Западен Балкан и улогата на НАТО, низ призма на заедничката посветеност кон мултилатералниот поредок и европскиот политички проект. Словенија е наш значаен економски партнер, а соработката во економијата, образованието, науката и зелената транзиција отвора можности за пристоен живот на граѓаните на двете држави.
Во однос на македонската европска интеграција, повторив дека остануваме целосно посветени на приоритетот за членство и очекуваме отворање на пристапниот процес, во духот на принципите на ЕУ, како и еднаков третман на земјите-кандидатки, наместо на двојни стандарди и волунтаристички условувања. Укажав дека кредибилитетот на европската интеграција зависи од доследната примена на Копенхашките критериуми, врзани за владеењето на правото, институционална стабилност, човековите и малцински права, пазараната економија и способноста за извршување на обврските од членството, нагласи претседателката на Република Македонија Гордана Сиљановска-Давкова..