Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги прими учесниците во академско-културната програма „Конекција Оксфорд“ – Џеј Јакуб, извршен директор на Фондацијата за економија на заемноста, предавачот Мајкл Рамзден, како и креаторите на програмата, Костаке Милков, претседател на Балканскиот институт за вера и култура и Нада Милкова, директорка на издавачката куќа „Метаноја“.
Претседателката ја поздрави програмата „Конекција Оксфорд“ како значаен мост меѓу македонските високообразовни институции и Универзитетот во Оксфорд, еден од најпрестижните универзитети во светот. Таа истакна дека програмата им овозможува на македонските студенти не само пристап до најновите истражувачки проекти, туку и можност за непосредна средба со водечки истражувачи и предавачи.
Гостите ја запознаа претседателката со нивното истражување за основните цели на бизнисот. Тие потенцираа дека вистинската цел на бизнисот не треба да биде само генерирање профит, туку наоѓање профитабилни решенија за проблемите на луѓето и планетата, наместо профитирање од создавањето проблеми. Во тој контекст, тие ја презентираа новата метрика на профит која ги зема предвид интересите на сите актери, без негативни последици врз вработените и животната средина.
Соговорниците ја истакнаа и важноста од активна вклученост на младите како носители на позитивни општествени промени.
Програмата „Конекција Оксфорд“ ја иницираше Балканскиот институт за вера и култура во 2011 година. Од тогаш, преку програмата во Македонија предавале и ги презентирале своите истражувања над 100 професори, предавачи и докторанди од Оксфорд во различни области – од физика, хемија и медицина, до вештачка интелигенција, филозофија, етика, книжевност, бизнис и историја.