Полска доби прелиминарно одобрување од американскиот Стејт департмент за започнување на домашно производство на напредните ракети PAC-3 MSE, кои се клучен дел од противвоздушниот систем „Патриот“.
Веста ја соопшти заменик-министерот за одбрана на Полска, Цезари Томчик, оценувајќи ја како значителен пресврт во напорите на Варшава да развие сопствено производство на високо технолошко оружје.
„Американците првично беа скептични дека Полска може да произведува ракети PAC-3 за „Патриот“, но сега сè е отворено и добивме начелно одобрување“, изјави Томчик.
Доколку планот се реализира, Полска значително ќе ја зајакне својата позиција во одбранбениот синџир на снабдување на НАТО. Ова претставува и важно отстапување од досегашната политика на САД за ограничено пренесување на производствени технологии за чувствителни противвоздушни системи.
Полска во последните години стана еден од најголемите европски купувачи на американска воена опрема, набавувајќи системи „Патриот“, тенкови „Абрамс“, хеликоптери „Апачи“ и ракетни системи HIMARS.
Според Томчик, разговорите со Вашингтон не се ограничени само на ракетите за „Патриот“, туку опфаќаат и можност за домашно производство на далекуметна муниција за HIMARS, како и ракети „Хелфајр“ за хеликоптерите „Апачи“.
Одлуката доаѓа во период на зголемена побарувачка за овие ракети поради воената помош за Украина, зголемените набавки од европските сојузници и потребата од обновување на американските резерви.
Полска сè поактивно инсистира странските воени набавки да доведуваат до трансфер на технологија и развој на домашната одбранбена индустрија, наместо создавање долгорочна зависност од странски производители.