
Со дефиле на 50 делегации, во Спортскиот центар „Јане Сандански“ вечерва започна Европскиот младински олимписки фестивал Скопје 2025. Фестивалот официјално го отвори и претседателката Гордана Сиљановска Давкова, а се обрати и претседателот на Европските олимписки комитети, Спирос Капралос.
Македонскиот Олимписки Комитет на чело со претседателот Даниел Димевски се избори за овој голем настан да се одржи токму во нашата земја (покрај Скопје, домаќин на неколку спортови ќе биде и Куманово), а во организацијата се вклучија бројни државни институции, па така на денешното свечено отворање присутни беа и Претседателката Гордана Силјановска-Давкова и Министерот за Спорт, Борко Ристовски.
- „Почитувани млади спортисти од сите европски краишта, почитувани гости и драги пријатели, голема е честа да се биде земја-домаќин на Летниот Европски младински фестивал на кои се собраа спортисти кои ја манифестираат убавата страна на сегашноста и ја најавуваат светлата иднина на европскиот спорт. Ова е врвен спортски чин, симбол на младост и на витештво во натпреварувањето, креатор на европски културен и спортски дијалог. Храбро го прифативме предизвикот да го организираме овој настан, посакувам да ја оправдаме укажаната доверба, верувам дека како држава уште еднаш ќе покажеме дека сме добри домаќини и дека имаме публика што знае да бодри и да наградува“, изјави Претседателката Силјановска – Давкова, која свечено го отвори ЕМОФ 2025.
Свечената церемонија го означи почетокот на седумдневен спортски и културен спектакл кој ќе ги обедини младите спортисти од цела Европа во духот на фер-плеј, солидарност и пријателство.
ЕМОФ Скопје 2025 ќе вклучува натпревари во 15 спортски дисциплини: атлетика, пливање, кошарка, баскет 3×3, ракомет, одбојка, џудо, спортска гимнастика, друмски велосипедизам, маунтајн бајк, кајак слалом, бадминтон, стрелаштво, пинг-понг и таеквондо.
Натпреварите ќе се одржуваат на спортски објекти со меѓународен стандард во Скопје и Куманово, додека натпреварите во спортска гимнастика ќе се одржат во Осиек, Хрватска, во соработка со Европскиот и Хрватскиот олимписки комитет. Се очекува учество на повеќе од 4.000 млади спортисти, тренери, спортски официјални лица и тимски претставници, како и стотици новинари, волонтери и гости. Македонија годинава ќе биде претставена со рекорден број на спортисти кои ќе учествуваат во сите спортови.