Македонија

Можно ли е од Зелениково до Скопје да се стигнува за само пет минути?!

Од Зелениково до центарот на Скопје со воз за неколку минути. На 1 септември стартува првата линија од Градскиот воз. Градежните работи на трасата се при крај.

Побрз, поеколошки и поефикасен јавен превоз ќе донесе проектот „Градски воз“, кој се очекува да стартува од есен. Ваквиот транспорт ќе донесе значајна промена во начинот на кој граѓаните од периферијата ќе патуваат кон центарот на Скопје. Првата линија, чија изградба треба да започне од 1 септември, ќе ги поврзе Зелениково, Драчево, Лисиче и Аеродром со Транспортниот центар и ќе претставува вистинска алтернатива на сегашниот сообраќаен метеж.

Во утринските часови ќе има по два воза, а во останатиот дел од денот ќе сообраќа уште еден. Кога ќе се комплетираат сите три линии, секоја ќе има по 18 возови, или вкупно 54. Цената на билетот сè уште се договара со Градот Скопје и со Министерството за транспорт.

Проектот „Градски воз“ се најавува како едно од клучните решенија за намалување на сообраќајниот метеж и аерозагадувањето во главниот град, со фокус на модернизација на железничката инфраструктура и подобра поврзаност на урбаните и приградските делови од метрополата.

  • „Во меѓувреме сме во постапка и во преговори за да обезбедиме нови возни средства коишто би требало да стигнат во текот на наредната година. Сè зависи од динамиката на тендерските постапки и на кој вид, од каде би требало да ги донесеме возните средства“, истакна Горанчо Јовановски, директор на патнички сообраќај во Македонски Железници.

Надлежните се надеваат дека тоа ќе биде вистинско решение за граѓаните, особено за оние кои патуваат од подалечните населби.

Паралелно, до крајот на годинава треба да почне и реализацијата на проектот за Брз автобуски превоз – БРТ. Затоа, Здружението за одржлив развој и заштита на животната средина „Гоу Грин“ заедно со новинарите направи обиколка со автобус по рутата на БРТ и Градскиот воз.

Месецов ќе биде распишен тендерот за претквалификација за изградба на трасата на првата линија од Ѓорче Петров од Ново Лисиче и на две депоа. Потоа, ќе биде распишан тендер за избор на фирма за проектирање и изведба.

По анализа на првичното идејно решение, кое предвидуваше возилата да минуваат низ средишното зеленило, направена е измена. Сега тие ќе се движат по лентата до него или крајната брза летна. Ќе бидат одделени со нова жардинера и зеленило од средишната коловозна лента односно од останатиот сообраќај. Тоа значи дека за автомобили ќе останат две ленти и ќе нема мешање на автобусите од БРТ со останатиот сообраќај.

Кај што ќе се движи БРТ ќе нема други автобуси. Од Градот паралелно работат и на процесот на промена на автобуските линии односно откако ќе биде воведен новиот начин на јавен превоз, на пример, линијата 24 повеќе нема да вози од Кисела Вода до Тафталиџе и да минува низ центарот на градот и по булеварот „Партизански Одреди“. Ќе постои линија која ќе се движи само од Кисела Вода до центарот на градот односно до една од станиците на БРТ.

Како што велат од Градот, процесот на набавка на возилата за БРТ или автобусите ќе биде посебна постапка и таа ќе се спроведе подоцна.

Најнови вести од: Македонија

Министерството за култура ќе плати за споменикот за жрвите од „Пулс“

Министерството посочува дека претставниците на семејствата на средбата изразиле благодарност за приемот и за појаснувањето на чекорите што треба да следат, со договор по завршување на законската процедура повторно да се воспостави комуникација за обезбедување на потребните средства.

To top