Македонија Колумни

Пркосот на масакрираната „Македонска сончева колона“ од Ваташа кон бугарските фашисти на 16.6.1943: Стрелајте кучиња, но нашата идеја нема да умре!

На денешен ден, на 16 јуни 1943 година беше извршен Ваташкиот масакр, најголемото злосторство врз македонскиот народ за време на Втората светска војна во Македонија, покрај Дабничкиот колеж. Со намера да го спречи големиот подем на народно-ослободителното движење во Македонија, а сѐ во рамките на Јунската непријателска офанзива, бугарскиот фашистички окупатор во месноста „Моклиште“ масакрира и стрела 12 Македонци од селото Ваташа на возраст од 15 до 27 години. Во пролетта 1943 година, по повеќе акции на партизанските одреди на Третата оперативна зона, три полка бугарска војска и одреди полиција, под команда на полковникот Апостолов, од 7 до 16 јуни 1943 година започнува со офанзива за уништување на партизаните. Но, откако доживува неуспех, се нафрла и на мирното население. Врвот на бугарските погроми над цивилното македонско население е ваташкиот масакр „во чест“ на роденденот на бугарскиот престолонаследник Симеон ІІ. Дали и кога ќе дојде бугарски претседател, или премиер, во Ваташа да клекне пред масакрираните Македонци и да побара прошка во име на бугарската држава и народ, како што стори германскиот канцелар Вили Брант на 7.12.1970 пред споменикот на Евреите од Варшавското гето во Варшава, стрелани од германските фашисти? Тој дождлив ден германскиот канцелар Брант беше клекнат на колена само 30 секунди, но во таа половина минута испиша ново поглавје во германската историја. Дали може и бугарски политичар да испише денес ваква нова страница, вакво нови поглавје во нивната бугарска национална историја, засебна од македонската историја? Па дури тогаш да започне вистинска, нова ера на вистински македонско-бугарски добрососедски односи со заемно разбирање, признавање и пријателство?

Пишува: Свето Тоевски

Уште вечерта на 15 јуни низ Ваташа се разнесла веста дека утредента никој не треба да оди на работа, зашто е роденден на престолонаследникот и во Кавадарци ќе се одржува парада. Кога се разденило на 16 јуни, селото било блокирано од војска и полиција. Никој не можел да излезе, а оние што тргнувале на работа ги враќале назад. Во раните утрински часови во селската кафеана во Ваташа биле приведени и сослушани неколкумина младинци и девојки. Тие биле скоевци, кои кришум им помагале на партизаните, но биле предадени. Стева Илиева од Кавадарци има сведочено: „Кметот нѐ собираше од куќите со готов список. Сите нѐ имаше по име и презиме.“ Во кафеана тие се испрашувани, тепани и ѕверски измачувани. Принудувани да признаат дека биле сите заедно со партизаните на 1 мај во месноста Моклиште како нивни помошници. На крајот на полицискиот распит се ослободени еден младинец и една девојка. Потоа сите во колона по еден во придружба со силно воено обезбедување се однесени во месноста “Моклиште“, каде што девојчињата се издвоени, а врз момчињата е отворен оган од митролези и пушки. Најмладиот од стреланите имал само 15 години. Еден од стреланите пред да умре, успеал да изусти “Стрелајте кучиња, но нашата идеја нема да умре!”

 

Насилно беше прекината младоста на Васил Хаџи Јорданов, Ферчо Поп-Ѓорѓиев, Диме Чекоров, Блаже Ицев, Ванчо Гурев, Пане Џунов, Данко Дафков, Илчо Димов, Герасим Матаков, Пане Мешков, Ристо Ѓондев и Перо Видев. Поручникот Борис Костов, кој раководел со ова чудовишно злосторство, со шмајзер во рацете, од кој сѐ уште се чадела цевката, им се обратил на преплашените девојки со зборовите: “ Гледајте, и вас ќе ве најде истото!“ Откако му реферирале за извршениот масакр за успешно извршената акција на полковникот Љубен Апостолов, тој восхитено рекол: “Тоа е тоа, страшни момчиња имам!“

Во својата статија со наслов „Бугарија да се извини за масакрот во Ваташа“, објавена во весникот „Нова Македонија“ на 17 јуни 2019 година, публицистот и писател Блаже Минески го пренесува сеќавањето и сведочењето на Невена Михајлова Хаџи-Јорданова, една од младинките, што била во групата носена за стрелање тој кобен ден во Ваташа. Покрај другото, Невена Михајлова Хаџи-Јорданова има кажано: „За да се уверат дека се мртви, бугарските војници со бајонетите ги бодеа мртвите момчиња право во срцата. Гледав дека некои од другарите за последен пат се грчеа по ударите на штиковите. А сите беа речиси деца. Неколкумина од нив имаа рачни часовници, што војниците, откако ги избодеа, им ги зедоа – ги ограбија по смртта. … Подоцна со моите плачејќи се вратив на местото на злосторството. Целото село се собра таму. Крај секое мртво тело тажеа неговите најблиски. Плачот одекнуваше надалеку. Таа слика не може да се опише и да се заборави. Брат ми Васо и Диме не можевме да ги најдеме. Дури по подолго барање ги откривме во тревата искасапени. Тоа не беа тела, туку обезличена маса од месо и коски. … Ова монструозно злосторство побуди невидена омраза кон бугарскиот окупатор…“

Големиот македонски поет Ацо Шопов за овој настан ќе напише: „Јуни. Тиквешко. 1943. Окупаторот беснее од немоќ. Ништо не го запира победоносниот разгор на сенародната борба. Ни јавните закани, ни затворите, ни претепувањата, ни убиствата одненадеж, во постела – дома, на нива, – во полето. Секоја закана е стократен гнев, секое убиство – повик за слобода. Тежи воздухот од одмазда, одмаздата му тежи на врагот. Над Ваташа се вгнездува ноќта, во ноќта се вгнездува врагот. Селото заспива опкружено од дива глутница. А во раниот изгрев – дванаесет удари со кундаци на дванаесет ваташки порти и страотен кучешки лај. Викотници, писоци, пцости. Дванаесет врзани младинци во селската кафеана…“ По потресната сцена на стрелањето, Ацо Шопов го завршува својот текст со „непрегледната сончева колона“: „Ако не ве препознаат мајките, ќе ве препознае земјата, ќе ве препознае колоната во која мртви чекорите, непрегледна сончева колона на младоста.“

За масакрот во Ваташа во “Билтенот“ на ГШ на НОВ и ПОМ од септември 1943 година е напишано: “Младинците се изрешетани од куршуми од митролези, па се после избодени со бајонети, на некој им се исечени рацете и извадени очите, а притоа сите биле опљачкани“. Во извештајот на Мито Хаџивасилев – Јасмин до ЦК на КПМ од 5 јули 1943 се изнесува јасна слика дека бил вршен терор и во претходни наврати од страна на бугарската војска кон невиното македонско население во Кавадаречко: убиени се близу 50 тина селани, дел и интернирани, палени се куќи и плевни во селата Шивец, Ресава, Ваташа, Праведник и други. Мито Хаџивасилев – Јасмин  сето ова му го припишува на „главниот крвопиец полковникот Апостолов“.

Генералот Тодор Атанасовски, кој во тој кобен ден бил во Ваташа, запишал: „Стрелањето на ваташките деца не е само бескрупулозно злосторство на бугарските фашистички окупатори врз македонскиот народ и неговата непокорена младост, туку и еден од низата настани, што ја означуваат 1943 година како преломна година во подемот на НОВ во Македонија. Окупацијата не е прифатена, бугаризацијата никако, а на ’новиот поредок‘ македонскиот народ му објави војна….“

По две години, Народниот суд во НР Македонија ги осудил на смрт главните раководители и учесници во оваа акција: полковникот Љубен Апостолов, капетанот Борис Жеглов, поручникот Костов и подофицерот Петко Опреков. Пред тоа, сите тие се предадени од новата влада на Бугарија на југословенските власти за судење како фашисти. Стрелачкиот вод, кој учествувал во злосторството, една година подоцна, на 13 јули 1944 година, бил целосно уништен од страна на два баталјона на Втората Македонска ударна бригада кај селото Страмашево, Демир Хисарско. Ова злодело извршено од бугарските фашисти останува белег, кој вечно ќе биде поврзан со шестиот роденден на бугарскиот престолонаследник Симеон II. Во спомен на настанот е изградена е спомен- костурница на стреланите 12 младинци од Ваташа, која е откриена на 11 октомври 1961 година. На јужниот ѕид на споменикот е запишано: „Смртта стана немоќна пред нашата младост исправена, пред очите наши загледани уште тоа утро во иднината“. На местото на стрелањето подигнат е спомен-парк со површина од 7 хектари, а во него се посадени 12 јавори како симбол на стреланите младинци-Македонци.

 

(Авторот во колумната изнесува согледувања од своја историографска анализа врз основа на расположливите научни и други извори, кои не одразуваат ставови на ниедна политичка партија во Република Македонија, ниту на редакцијата на порталот „Експрес“)

 

Најнови вести од: Македонија Колумни

Владата на Македонија го изгласа пуштањето во употреба на системот за заеднички гранични проверки со Албанија – ќе стартува на Ќафасан

Денес на седница на Владата на Република Македонија е донесена одлука за пуштање во употреба на системот за заеднички гранични проверки („One Stop Shop“) со Република Албанија, соопшти заменик-министерката за внатрешни работи Венера Азизи.

Музиката како мост за зближување на народите и културите: заедно ќе настапат 240 музичари од Скопје, Солун и Софија во Градскиот парк в сабота

Заедничката изведба на делото „Кармина Бурана“ од Карл Орф ќе се одржи во сабота, 20 јуни 2026 година во 21 часот, во Градскиот парк во Скопје (наспроти Националната арена „Тодор Проески“).

„Курир“: Со достоинство и почит во Турција го пречекаа Мицкоски, оти ги штити македонските интереси, а на Заев ни знаме не му извадија, оти ги распродаваше!

„Светските лидери го препознаваат македонскиот премиер Мицкоски како државник, кој бескомпромисно работи во заштита на македонските национални интереси, а знаеја дека Заев беше човекот, кој ги распродаваше тие исти интереси. Затоа не ги гледаат со исти очи и не ги пречекуваат со иста почит. Како се однесуваш дома, така те третираат надвор!“ – нагласува информативниот портал „Курир“ во својата статија.

Тошковски: Огромна осуда за какво било насилство во Македонија, нема толеранција за тоа, итно се постапува со случајот со бугарската амбасада!

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски остро го осуди вчерашниот инцидент со палењето возило во сопственост на Амбасадата на Бугарија во Скопје. „Осуда за какво било насилство спрема било кого во Македонија е логична. Насилство нема да дозволиме и нема да биде толерирано.“ – нагласи министерот. Во однос на мотивите за инцидентот Тошковски посочи дека во овој момент не може да сподели повеќе информации, но додаде дека постапката е во тек и се води согласно со законските процедури. 

Најнови вести

To top