Пишува: Свето Тоевски
Побугарениот Македонец Ефтим Спространов, публицист од Охрид, во 1903 година престојувал во Софија и водел дневник. Истовремено одржувал контакти со бугарските политички кругови. Тој оставил извонредно важен дневничен запис која им била целта на Мисирков и другите македонски интелектуалци и револуционерни да го основаат Софиското другарство како филијала на МНЛД. Во фељтонот „Книгата на Мисирков и националниот сепаратизам“, објавен во „Нова Македонија“ на 1 август 2018 година, историчарот д-р Блаже Ристовски го пренесува записот на Спространов токму од 23 ноември 1903 година: „Денеска Мисирков ќе соберел десетина незначителни човечиња за да основале некаков книжевен кружок за распространување на неговите идеи. Дедов ми предлагаше да отидам и јас. Кога гледам дека сè е ветер без пари, откажав“.
Спространов потврдува дека целта била создавање книжевен, односно научно-литературен кружок. Стефан Дедов активно учествувал во привлекувањето членови. Тој го поканил и Спространов да се приклучи, кој одбил. Само еден ден подоцна, во писмото од 24 ноември 1903 година Спространов му пишува на бугарскиот премиер Рачо Петров. „Во Софија дниве се основа Македонско научно-литературно другарство. Навистина, засега околу него се собрале десетина луѓе, но ако не се преземат соодветни чекори и ако не се протера Крсте Мисирков од Бугарија, тоа за кусо време ќе го опфати и најголемиот дел од македонската бројна емиграција“.

Според неговиот дневник, на 12 ноември 1903 година Ефтим Спространов разговарал со Крсте Мисирков за иднината на македонското национално движење. Тој забележал дека Мисирков зборувал за македонски книги, македонска граматика, историска читанка, промена на методите на дејствување на Организацијата, дека се потребни пари за културно-национална дејност. „Мисирков зборува за книшки на македонското наречје, за граматика, за историска читанка и др.“ – истакнал охридскиот публицист во својот дневник. Значи, софиската иницијатива не се појавила изолирано, туку била дел од пошироката замисла за научно, книжевно, образовно и национално организирање на Македонците во Балканот.
Бидејќи некогашниот „лозар“ Спространов бил и таен соработник на бугарскиот министер-претседател, генералот Рачо Петров, уште на 13 ноември, меѓу другото му пишува: „Во сегашниве услови, министер-претседателе, кога македонското население е длабоко разочарано од Бугарија поради нејзиното држење во Илинденското востание, јас лично сум убеден дека сепаратизмот, што зафаќа длабоки корени во масите во Македонија, може да стане решавачки чинител, особено ако масите ги поведат луѓе од типот на Мисирков, Дедов, Мишајков и други. Сега, по Востанието (Илинденското – л.заб.), луѓето се разочарани од некои водачи на револуционерното движење, коишто ги напуштија во најтешките моменти и се вратија во Бугарија, од каде што беа и отидени во Македонија. Бездруго, народните маси со поголема радост ќе го прифатат гледиштето на македонските националисти што проповедаат Организацијата да се претвори од револуционерна во еволуциона. Како таква ќе може легално да работи во рамки на Турската Империја. Но овој пат таа нема да има други цели, освен, преку добиената културна автономија за Македонија, да ја јакне македонската индивидуалност – преку создавање македонски културно-просветни институции на македонски јазик и создавање македонска самостојна црква, на чело со македонски патријарх“.

Спространов притоа му укажува и му препорачува на Рачо Петров: „Министер-претседателе, ваквите идеи, што веќе широко се прифаќаат од македонското население, не се ни малку за потценување, за да не им се посвети високо внимание. Ако притоа додадам дека пропагаторите на македонскиот сепаратизам се зафатиле мошне студиозно и со ентузијазам да печатат книги, речници, читанки, историски учебници и граматика на македонски јазик, тогаш пореално можете да ја сфатите опасноста за бугарштината во Македонија. Уверен сум дека за мошне кратко време, освен тенкиот слој на македонската интелигенција школувана во бугарските училишта, народот ќе го отфрли бугарскиот јазик и ќе го прифати македонскиот, односно мајчиниот, бидејќи ќе нема потреба да го учи, како што прави сега, со бугарскиот јазик“.
По добивањето на информациите за основањето на Софискиот кружок на Македонското научно-литературно другарство од Санкт Петербург, на 25 ноември 1903 година бугарската полиција ноќта ги уапсила членовите. Мисирков, испретепан, морал да бега во Русија.
На 23 ноември 1903 година во срцето на бугарската држава, која го негирала самото постоење на македонскиот народ со неговиот идентитет и јазик, се случил силен изблик и проблесок на македонската национална, идентитетска, јазична и историска посебност и самобитност! Во главниот град на балканската држава, која имала и има и денес силни политички и други стремежи кон Македонците и Македонија, група македонски интелектуалци, предводена од Крсте Мисирков и Стефан Јакимов–Дедов, организира уште пред 123 години посебно македонско научно-литературно другарство. Тоа не било создавање уште едно обично културно здружение. Во контекстот на дејноста на Мисирков и на МНЛД од Санкт Петербург, Русија, тоа било организирање на македонската национална мисла преку наука, литература, јазик и сопствена културна програма.
(продолжува)