Европските лидери да донесат заклучок дека нема повеќе билатерални прашања, дека македонскиот многувековни идентитет, култура, традиција, обичаи и јазик се константа и факт и дека повеќе нема да се отвора таа тема, побара премиерот Христијан Мицкоски во своето обраќање во Струмица, по повод 36. роденден на ВМРО-ДПМНЕ. Со ваквата порака премиерот Мицкоски го засили политичкиот тон околу европскиот процес, нагласувајќи ги црвените линии и остриот став кон билатералните барања од Бугарија. Тој порача дека македонските власти нема да направат никакви отстапки без да има ваков заклучок како гаранција.
– Сакам јасно и гласно, одовде, на овој 36. роденден на ВМРО-ДПМНЕ, да испратиме една силна порака, која ќе допре до секој еден до европската престолнина во Брисел, дека местото на овој народ, на граѓаните на нашата Македонија е таму, на масата во Брисел, со нив, како полноправна членка на ЕУ. Не може само за нас да важат правила и договори. Или за сите или за никој. Бидејќи ни велат дека ова било последно, дека немало да има повеќе вакви, тогаш ајде сите гласно да испратиме порака до тие што ни велат, донесете заклучок дека нема повеќе билатерални прашања, дека е константа и факт, македонските многувековни идентитет, култура, традиција, обичаи, јази, и дека нема повеќе да ја отвора таа тема. Нема цена, нема слава, нема моќ што може да ме убеди дека без овие работи, ќе прифатиме што било. Ова е нашата црвена линија. Сите треба да нè слушнат гласно и јасно: Нема пазарење со идентитетот наш македонски. Доста беше! – дециден беше Мицкоски.
Премиерот се осврна и на националното несогласување што го имаат со опозицијата и ја обвини претходната власт дека ветувала дека ќе донесе живот и достоинствена, модерна, европска Македонија, а „донесе буквално уништување на сè што значи Македонија и македонско“ и договор што нè обврзува на нешто што никој од нас не помислува да го направи. Најави и борба за да се исправи неправдата.
– Но, тоа нема да биде спринт или кратка трка. Подгответе се за маратон, затоа што ќе мора да се бориме да ги исправиме она предавство и онаа капитулација што ги направи претходната македонска влада, најкорумпирана во историјата, за овој народ и за својата татковина. Подгответе се да се бориме и да се избориме за нашите од другата страна на границата да го остварат своето човеково право, за, конечно, да регистрираат своја институција, под која ќе можат културно да се организираат. Во раката имаме договор што го потпиша претходната влада, но, исто така, нашиот источен сосед има на маса 14 пресуди од Европскиот суд за човекови права, кои велат веднаш да ја регистрираат организацијата на Македонците кај нашиот источен сосед, ОМО Илинден Пирин – рече Мицкоски.