ЕУ-лидерите на самитот што заврши вчера се судриле за буџетот и контакти со Кремљ на самитот во Брисел, пишува Политико од каде заклучуваат дека Европскиот совет завршил без значителни пробивни одлуки, откако лидерите на земјите-членки на ЕУ се соочиле со остри несогласувања околу идниот седумгодишен буџет и контроверзните дипломатски контакти на претседателот Антонио Коста со Москва.
Според деталното известување на Politico, самитот на 18 и 19 јуни поминал во знак на тензии околу предлогот за новиот Мултигодишнен финансиски рамковен план (МФР) за периодот 2028–2034 година, вреден околу два трилиони евра.
Таканаречените„Фругални“ земји предводени од Германија (канцеларот Фридрих Мерц), Шведска и Австрија остро се спротивставиле на високите расходи предложени од Европската комисија, оценувајќи ги како „неприфатливи“.
Тие бараат помал, но поефикасен буџет, со пренасочување на средствата кон одбрана и конкурентност, наместо традиционалните области како земјоделство и кохезија.
„Нам ни треба подобар, а не поголем буџет“, беше пораката од богатите северни земји, што го блокираше напредокот во преговорите.
Друга голема контроверза беше отворањето на „задни канали“ од кабинетот на претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, кон Кремљ.
Според Politico, шефот на кабинетот на Коста, Педро Луртие, воспоставил контакти со руските претставници без целосна претходна консултација со сите членки. Ова предизвика остри реакции од Франција, Германија и балтичките држави.
Естонскиот премиер го нарече потегот „погрешен“, предупредувајќи дека може да ја ослабне позицијата на ЕУ кон Русија и поддршката за Украина. Додека некои лидери, како австрискиот го бранеа принципот на отворени канали за идни преговори, холандскиот премиер инсистираше дека приоритет мора да остане поддршката за Киев и санкциите.
Поддршка за Украина без Орбан
И покрај поделбите, лидерите ја потврдија „цврстата и непоколеблива“ поддршка за Украина, во присуство на претседателот Зеленски. Очекувано е првата исплата од 90-милијардскиот пакет за Украина да се реализира до крајот на јуни, а беше најавено и отворање на кластерот „фундаменти“ во пристапните преговори.
Аналитичарите посочуваат дека отстранувањето на Виктор Орбан од власта во Унгарија значително придонело за поголема кохезија во ставовите за Украина на овој самит.
Самитот заврши со заклучок дека преговорите за буџетот ќе продолжат под ирското претседателство, без конечна согласност за најважните прашања. Европските лидери го одложија решавањето на клучните дилеми за подоцна, покажувајќи дека и покрај промените во Будимпешта, ЕУ сѐ уште се соочува со внатрешни поделби кога станува збор за пари и стратегија кон Русија.