Македонија

Муцунски: Нема „северномакедонски народ, идентитет и јазик“, туку само македонски народ, јазик и идентитет, секое нивно оспорување ќе наиде на соодветен одговор!

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Република Македонија Тимчо Муцунски денеска, на покана на министерот за надворешни и европски работи на Република Хрватска Гордан Грлиќ Радман, учествуваше на панел-расправата „ ЕУ и Западниот Балкан: заедничко решавање на недовршените работи“ во рамки на Дубровник- форумот, посветена на европската перспектива на Западен Балкан и иднината на политиката на проширување. Во обраќањето министерот Муцунски се осврна на актуелните иницијативи за постепена интеграција на земјите кандидати во Европската Унија, оценувајќи дека тие можат да бидат значајна алатка, ако претставуваат мост кон полноправното членство. „Ако новиот модел на постепена интеграција претставува мост кон полноправно членство, тогаш ќе биде исклучително корисен. Но, мора да внимаваме да не стане алатка, која ќе создаде трајна чекалница без врата кон целосно членство“, истакна Муцунски.

Шефот на македонската дипломатија нагласи дека иницијативите како СЕПА и Планот за раст веќе покажуваат конкретни придобивки за регионот преку поттикнување на реформите и обезбедување директна финансиска поддршка, оценувајќи дека ваквите механизми можат значително да придонесат за побрза европска интеграција. Осврнувајќи се на процесот на проширување, Муцунски кажа дека е потребна поголема дисциплина, со појасни стандарди, рокови и исходи, како и покредибилен и попредвидлив пристапен процес.

Во однос на прашањата поврзани со македонскиот идентитет, министерот порача дека не постои „северномакедонски“ народ, „северномакедонски“ јазик или „северномакедонски“ идентитет, туку единствено македонски народ, македонски јазик и македонски идентитет, нагласувајќи дека секој обид за нивно оспорување ќе наиде на соодветен одговор.

Говорејќи за европската интеграција, Муцунски истакна дека државата продолжува да испорачува резултати во спроведувањето на реформите и останува целосно усогласена со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, при што, како што посочи, придонесува и пошироко од формалната усогласеност. Во однос на заемните односи со Бугарија, министерот оценил дека со новата легитимна влада во Софија постои можност за разговор за отворените прашања, но и за заедничката европска иднина. „Нашата намера не е само да ги започнеме пристапните преговори и по неколку месеци повторно да се најдеме во истата ситуација. Нашата цел е да ги започнеме и успешно да ги завршиме врз основа на европското законодавство, Копенхашките и Мадридските критериуми“, порача Муцунски.

Во завршниот дел од своето обраќање, министерот упати повик до земјите членки на Европската Унија од Југоисточна Европа за уште поактивна поддршка на европската интеграција на регионот, оценувајќи дека е потребен заеднички напор за искористување на актуелната историска можност. „Историската шанса постои. На нас е да ја препознаеме и да ја искористиме за да одиме напред“, заклучи министерот Муцунски.
..


Најнови вести од: Македонија

Почина Волф Ошлис, амбасадорот на македонската кауза: Ако Европа ја изгуби Македонија, ќе се изгуби и себеси!

На 30 август 2026 година германските научни платформи објавија потврдена вест, која е повеќе од тажна за македонскиот народ и Република Македонија: уште на 18 август 2026 година почина професор доктор Волф Ошлис, германскиот и европски македонист со непроценливо значење на неговиот политичко-јазичен македонистички ангажман за македонскиот народ и јазик, за одбраната на националната, идентитетска, јазична, културна и историска засебност и самобитност на Македонците наспроти сите нивни негирања како народ. Неговата реченица: „Нема ништо полесно отколку да бидеш пријател на Македонија. Јас сум тоа од 1975 година…“ ја одразува неговата длабока професионална, но и лична, чувствена врска со македонската кауза, со Македонците и Македонија

Легендарниот македонски војвода Александар Турунџе пред да си стави јамка на вратот на 30.8.1905: Македонија ќе биде слободна!

„Личната трагедија на македонскиот револуционер, ајдутин, четник и војвода Александар Турунџев, кој е предаден на турските власти за 150 златници од свој сонародник, по што бил обесен на Ат-Пазар во Битола на 30 август 1905 година, освен што е симбол на она што многу често провејува низ македонската историја – предавството, многу повеќе е национален херој и симбол на борбата за слобода на македонскиот народ.Погубувањето на Турунџев се одвивало пред бројни сведоци, меѓу кои и неговата сопруга и нивните две малолетни деца, ќерка и син, кои биле принудени немо да го гледаат испуштањето на последниот здив на својот татко.“ – објави Македонската информативна агенција – МИА.

Штип е без вода: Филтер станицата исклучена, поради крајно големата заматеност од синоќешното невреме

Градот Штип од 14 часот е без вода за пиење. Филтер станицата се исклучи од цевководот на хидросистемот „Злетовица“ поради големата заматеност на водата која пристигнува од браната Кнежево, информираше на вонредната прес-конференција директорот на ЈП Исар Штип Александар Арсовски.

ЗНАМ го осудува глорифицирањето на воените злосторства

Движењето ЗНАМ најостро ги осудува воените злосторства случени на поранешните југословенски простори, вклучувајќи ги и хашките случаи во Македонија од 2001г., и секој обид за нивна глорификација, релативизација или оправдување

To top