Во споменатиот научен труд Волф Ошлис, покрај другото, истакнува: Наум по етничко потекло бил Словен, јазично Македонец, граѓанско – поданик на Византија, верско – свештеник на источноримската црква, писмен и повеќејазичен интелектуалец, како ученик и придружник на Кирил и Методиј – човек со политичко и меѓународно искуство. Исто така, надоврзувајќи се на дамнешните европски традиции на македонскиот народ, во кои била вткаена цивилизациската и просветителската дејност на Кирил и Методиј, како и на Наум Охридски и Свети Климент, Волф Ошлис посебно ќе нагласи: „Ако Европа ја изгуби Македонија набргу ќе се изгуби и самата себе!“.
Ова предупредување до Европа и Европејците германскиот експерт го изнесува во својата капитална студија „ГерМакедонија: Студии за македонско-германската заемност низ вековите“, објавена во Скопје во 2012 година. Во оваа студија Ошлис се навраќа на германските автори и хроничари од како XV и XVI век. Тој објаснува дека германските средновековни автори немале дилема за постоењето на Македонија и ја третирале како посебен, континуиран ентитет.Според тие стари европски извори, Македонија секогаш ѝ ги давала на Европа најдобрите примери за мудрост и писменост.Токму врз основа на тие историски согледувања, Ошлис ја извлекува тезата дека Македонија е толку длабоко вткаена во идентитетот на самата Европа, што ако Европа ја изгуби Македонија како геополитички, културен и историски стожер на почетоците на својата цивилизација, тогаш наскоро ќе се изгуби и самата себе.
„Средновековните германски писатели не правеле никакво разликување меѓу древна Македонија и било која друга македонска земја. Што се однесува до нив, Македонија од секогаш постоела како посебност. Тие осознале дека Македонија и понудила на Европа најдобри примери на мудрост. Од таму, според нив, ако Европа ја изгуби Македонија, наскоро ќе се изгуби и самата себе си!“ – има напишано политичкиот научник и славист-лингвист Волф Ошлис, големиот пријател на Македонија и македонскиот народ, кој напиша серија бележити научни студии за Македонија и македонскиот народ и јазик од древните времиња се до денешни дни.
(крај)