Трифун Костовски кој е обвинет за „несовесно работење во службата“ (член 353-в од Кривичниот законик) во врска со пропаѓањето на Еуростандард банка се соочува со 20 годишна затворска казна.
Членот по кој се гони Костовски предвидува неколку различни казни во зависност од тежината на делотк од која една е најмалку 3 години.
Тоа теоретски значи дека Трифун може да заглави и до 20 години затвор иако за слични дела казните се движеле од 3 до 11 години.
Според бвинението е поднесено вчера од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција до Основниот кривичен суд Скопје тој е четвртообвинет, заедно со неговиот син Коста Костовски и уште двајца менаџери (Николчо Петковски и Зоран Николовски).
Конкретно Костовски го товарат дека како претседател на Надзорниот одбор на банката (во периодот 2013–2019), со несовесно вршење на овластувања и пропуштање на должен надзор овозможил одобрување на нефункционални кредити на кредитно неспособни и поврзани лица, без соодветни анализи, обезбедување и почитување на процедурите.
Според обвинението тој придонел за преземање прекумерни кредитни ризици, неточно прикажување на финансиската состојба и непочитување на Законот за банките.
Со тоа придонел за несолвентност на банката, намалување на сопствените средства и доведување до стечај по сила на закон.
Со оглед на тоа што штетата за доверителите (штедачи и други) се проценува на над 1,66 милијарди денари или околу 27 милиони евра на Костовски теоретски му се заканува ставот 3 од членот 353 В во кој се предвидува ако сторителот на делото од став 1 прибави значителна имотна корист или нанесе значителна штета, да се казни со затвор најмалку три години.
Кога во Кривичниот законик се дава најмала можна казна тоа значи дека теоретски обвинетиот може да добие и 20 годишна затворска казна.
Тројца од обвинетите (вклучувајќи го синот Коста) се товарат и за „предизвикување стечај на банка“.
Обвинението дојде по долгогодишна истрага по одземањето на лиценцата на банката од Народната банка во 2020 година поради лошо кредитирање и големи резервации. Костовски досега тврдеше дека банката била „убиена“ со умисла и најавуваше борба за вистината, но сега ќе треба да одговара пред судот.
Костовски засега кратко изјави дека ќе коментира откако ќе го види обвинението.
Што вели точно членот од Кривичниот законик:
Несовесно работење во службата
Член 353-в
(1) Службено лице или одговорно лице во јавно претпријатие или
јавна установа кое со повреда на законските прописи за судир на
интересите или за совесно постапување при вршењето на дискреционо овластување, со пропуштање на должен надзор или на друг начин
очигледно несовесно постапува во вршењето на своите овластувања и
должности и со тоа ќе прибави за себе или за друг некаква корист или на
друг ќе му нанесе штета,
ќе се казни со затвор од три месеци до три години.
146 (2) Ако сторителот на делото од став 1 прибави поголема имотна
корист или предизвика поголема имотна штета или потешко ги повреди
правата на друг, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години.
(3) Ако сторителот на делото од став 1 прибави значителна имотна
корист или нанесе значителна штета,
ќе се казни со затвор најмалку три години.
(4) Со казната од ставовите 1, 2 и 3 ќе се казни и одговорно лице,
одговорно лице во странско правно лице кое има претставништво во
Република Македонија или лице кое врши работи од јавен интерес, ако
делото е сторено во вршење на неговото посебно овластување или
должност, определено со закон.
(5) Службено лице или одговорно лице во орган на државна управа
или друго правно лице кое со повреда на законските прописи за
спроведување на управна постапка, со пропуштање на должен надзор или
на друг начин несовесно постапува во вршењето на своите овластувања и
должности и со тоа ќе прибави за себе или за друг некаква корист или на
друг ќе му нанесе штета,
ќе се казни со затвор од шест месеци до три години и со парична
казна.
(6) Тој што делото од став (5) ќе го стори од небрежност,
ќе се казни со затвор од шест месеци до две години и со
парична казна.