Во текот на изминатото деноноќие полициските службеници на територијата на целата држава лишиле од слобода 17 лица, а со едно лице извршиле службен разговор, поради сторено кривично дело – безобѕирно управување со моторно возило.
Десет од нив управувале возило без положен возачки испит. Меѓу нив се Е.С. (34), Р.Ш. (18), Б.К. (19) кој управувал мотоцикл, Б.А. (49) и П.И. (29), сите од Скопје, потоа А.А. (37) од Гостивар, Д.Л. (34) од Прилеп и Е.В. (53) од Струга.
Особено тревожен е случајот од Виница, каде 14-годишен малолетник, пред да се стекне со право на управување, изгубил контрола над мопедот и паднал.
Службен разговор бил извршен и со Е.Е. од Велес, кој учествувал во сообраќајна незгода со мотоцикл без регистарски ознаки и две други возила, а претходно немал стекнато право на управување.
Пет лица биле затекнати под дејство на алкохол. Кај К.К. биле измерени дури 3,35 промили алкохол во крвта, кај И.А. од Куманово 2,17 промили, кај Н.Ѓ. од Куманово 1,55 промили, кај С.Ј. од Битола 1,60 промили, а кај Х.П. од Охрид 1,68 промили.
Две лица управувале и покрај активна забрана за управување со моторно возило – А.Ш. од село Обедник, Демирхисарско, и Р.Л. од Охрид, кој претходно учествувал во сообраќајна незгода.
Посебно тежок е случајот со Г.Р. од село Мусинци, општина Могила, кој управувал без положен возачки испит и под дејство на алкохол, при што му биле измерени 2,92 промили.
Од Министерството најавуваат дека по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
Истовремено упатуваат силен апел до сите учесници во сообраќајот доследно да ги почитуваат правилата, да не возат без возачка дозвола, под дејство на алкохол или за време на активна забрана.
„Особено апелираме до родителите да не им дозволуваат на малолетни лица да управуваат моторни возила пред да се стекнат со законско право за тоа. Одговорното однесување во сообраќајот е од суштинско значење за спречување на сообраќајни незгоди и заштита на човечките животи“, се вели во соопштението на МВР.