Од Обвинителството информираат дека до надлежниот судија за деца е поднесено барање за поведување подготвителна постапка против две 14-годишни девојчиња, за кои постои основано сомнение дека сториле дело кое според Кривичниот законик се квалификува како насилство.
Едновремено за 15-годишно момче се бара постапка поради сомнение дека им помагало на девојчињата при извршувањето на насилството, како и за кривичното дело неовластено снимање. Истото кривично дело му се става на товар и на уште едно 14-годишно момче. Според Обвинителството, нападот се случил на игралиште зад трговски центар во населбата Аеродром. Осомничените ја принудиле 12-годишното девојче да клекне и да им се извини, по што ја удирале со шлаканици и ја влечеле за косата. Девојчето се здобило со телесни повреди, а кај сведоците и јавноста биле предизвикани чувство на страв и несигурност.
Едно од момчињата, според обвинителството, ги советувало и охрабрувало девојчињата за време на нападот, додека двете момчиња без дозвола го снимале целиот настан со мобилен телефон, нарушувајќи ја приватноста на жртвата. Снимката подоцна им ја испратиле на девојчињата кои учествувале во нападот. Јавниот обвинител побарал од судот да им изрече мерки на претпазливост, со кои на сите осомничени малолетници ќе им биде забрането меѓусебно да контактираат, како и да воспоставуваат каков било контакт со 12-годишното девојче.