Три лица, еден маж и две жени, се пронајдени починати во превртено возило на патот помеѓу граничниот премин „Блаце“ и Скопје, информира Министерството за внатрешни работи.
Според МВР, во неделата вечерта во 22:35 часот во СВР Скопје било пријавено дека на патот ГП „Блаце“ – Скопје има превртено возило „мерцедес“ со германски национални ознаки.
Полициски службеници веднаш биле упатени на местото, каде што било утврдено дека во возилото има три починати лица – едно машко и две женски лица.
Претходно, вчера во 13:40 часот, во Полициската станица Бит Пазар државјанин на Косово пријавил дека три лица се исчезнати. Последниот контакт со нив го имал на 18 јули околу 22:15 часот, кога тие се наоѓале на Меѓународниот аеродром Скопје, дознава Плусинфо
Според информациите што ги објави телевизијата „Алсат“, станува збор за Ејуп Тернава, Џенет Тернава и Фатмире Шабани. Според првичните сознанија, две од лицата биле преземени од Меѓународниот аеродром Скопје, по што тргнале кон Косово. Несреќата се случила пред да ја преминат државната граница.
Семејствата ден претходно преку медиумите и социјалните мрежи побараа помош од граѓаните за нивно пронаоѓање. Според објавите, тројцата последен пат биле видени во саботата околу 22 часот во Скопје.