Емилија Јанеска, членка на лабораториско-експертскиот тим од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, на прес-конференцијата на кризниот штаб во Гостивар даде стручно објаснување за текот на испитувањата на водата од гостиварскиот водовод.
Таа посочи дека пред два дена биле земени девет примероци, од кои три од самите каптажи за да се провери квалитетот на водата. Шестте примероци земени од повеќе локации низ општината покажале хемиска неисправност, односно отстапување во однос на резидуалниот хлор.
– Во поглед на микробиолошка неисправност, забележано е отстапување кај сите примероци, што се должи на недоволниот процес на дезинфекција – рече Јанеска.
По консултациите со колегите од Секторот за експлоатација и одржување при ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, во текот на денот преземени се конкретни мерки. Заменет е типот на хлоринаторот кај каптажата, а започнато е хлорирање со повисока доза на хлор, што е во согласност со Правилникот за безбедност на вода за пиење во кризни состојби.
– Оваа концентрација е малку повисока од вообичаената, но е потполно безбедна – истакна Јанеска.
Таа додаде дека акредитираната лабораторија ќе продолжи континуирано да зема примероци од истите локации. Сè додека водата не биде целосно исправна за пиење, процесот ќе продолжи, а Кризниот штаб веднаш ќе биде известен кога резултатите ќе бидат добри.
Министерот за внатрешни работи и раководител на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи, Панче Тошковски, информира дека во Гостивар започнало хиперхлорирање на водата и испирање на примарната водоводна мрежа.
Тој повтори дека новите испитувања потврдиле присуство на штетни материи и загадување, што довело до здравствени проблеми кај неколку илјади жители. Поставен е систем за дополнително хлорирање (со вредност 0,8), што е во рамки на законскиот максимум и не влијае негативно врз здравјето.
Тошковски посочи дека досега се поставени пунктови за техничка вода на 11 локации, а до крајот на денот ќе има вкупно 13. Во текот на денот се доставени над 100.000 литри пакувана вода за пиење, а истата поддршка ќе продолжи и наредните денови.
Според неговите очекувања, до крајот на оваа недела или почетокот на следната може да се очекува техничка вода од чешмите, а доколку резултатите бидат континуирано добри, целосно нормализирање и безбедна вода за пиење се очекува до крајот на следната недела.
Министерот нагласи дека кризниот штаб работи и на долгорочно решение – воспоставување стабилен и современ систем за трајна контрола на квалитетот на водата во Општина Гостивар, користејќи ги искуствата од Скопје.