Православните верници на овој ден го одбележуваат празникот на пророкот од стариот завет и новозаветниот светител Илија. Тој е присутен како во Стариот, така и во Новиот Завет како пророк и непоколебливо ги проповеда етичките вредности чии особини христијанството ги преземало и ги доведува во врска со зачетокот на новата вера и Христовото доаѓање.
Според преданието пророк Илија бил меѓу пророците на гората Тавор кои му се поклониле на Исус Христос на денот на Преображение Господово кога им се јавил на своите ученици со поуки за новата вера, па затоа и неговиот лик се наоѓа на иконите што го отсликуваат овој настан.
Според книгата на Откровението на Јован, второто доаѓање на Христос ќе го најави Илија со старозаветниот пророк Енох и со нивното страдање треба да почне новото преображение на човештвото.
Во македонското народно предание, Свети Илија е познат и како Громовник, оној кој управува со молњите и летните бури. Неговата бескомпромисна борба за правда и вистина низ вековите стана симбол на народниот непокор.
Затоа не е случајно што токму на овој голем ден се содржани двете најважни пресвртници во македонската историја. Крушевското востание од 1903 година и Првото заседание на АСНОМ во 1944 година. Огнениот дух на пророкот стана вечна искра за слободата и државотворноста на Македонија.
По повод празникот, нека молитвеното застапништво на Светиот пророк Илија донесе мир, исцелување, духовна сила и праведност во секој дом.