Македонија

„Македонска нација“: Сократ Маркилов, симболот на неуништливоста на македонската свест наспроти сите обиди на Бугарија да ја уништи!

… живеев, страдав. Окови носев. Зад железни решетки заклучен бев во ќелија темна, таму тиранинот ме мачеше, поради тоа што се борев за ослободувањето на мојата поробена татковина Македонија. Македонци, мои мили браќа, не жалете ме! Главите горе, запејте ја ‘Бисер Балкански’ и продолжете ја борбата за остварување на вековните стремежи и идеали на нашиот измачен македонски народ. Мојата смрт нека биде вечно проклетство на македонските непријатели, поробувачи алчни, без ронка чест, без ронка срам.“ – ова е претсмртната порака до сиот македонски народ, која му ја оставил Сократ Данаилов Маркилов, еден од најистакнатите припадници на македонското национално движење и страдалник за македонската национална кауза во Бугарија. Оваа порака на Маркилов е објавена како дел од некрологот за 40-дневниот помен од неговата смрт во 1993 година, кој му го одржал тогаш ОМО „Илинден“ – Пирин, политичката организација на Македонците во Пиринскиот дел на Македонија, денес во Бугарија. Тој е починат на денешен ден, на 4 август во 1993 година. Триесет и третата година од неговата смрт е соодветен повод за должно сеќавање и чествување на животот и дејноста на овој истакнат деец за Македонија и македонскиот народ, кој одлежа 17 години во бугарските затвори, поради својата македонска определба и дејност.

„Сократ Данаилов Маркилов е роден е на 12 април 1921 година во Бутково, Серско, во Егејскиот дел на Македонија. Починал на 4 август 1993 година во Бања Банско, Струмичко. По Тој е една од најистакнатите и најтрагични личности на македонското национално движење во Пиринска Македонија. Поминал толку години во бугарските затвори, доживеал тешка семејна трагедија, но никогаш не се откажал од македонското име, од македонскиот идентитет и кауза.“ – пишува во статијата со наслов „Македонски легенди: Сократ Маркилов – непокорениот Македонец, кој ѝ го посвети животот на Македонија“, која е објавена на интернет-порталот на „Македонска нација“ на 22 јули 2026 година

Натаму во оваа статија се истакнува: Маркилов е еден од најголемите страдалници за македонската национална кауза во Бугарија. Неговиот живот е сведоштво за судбината на Македонците кои им останале верни на своето македонско име и на својата татковина, и покрај прогоните, затворите, заканите и личните трагедииЗа време на Втората светска војна Маркилов дезертирал од бугарската војска и му се приклучил на антифашистичкото движење. Тој рано разбрал дека слободата не се добива со покорност, туку со отпор, жртва и јасна национална свест. Тоа чувство го следело до крајот на неговиот живот. По војната живеел во Петрич, во Пиринска Македонија. Наместо мирен живот, таму го дочекале нови прогони. Поради својата македонска национална определба, по 1956 година бил следен, подложуван на притисоци и прогонуван од бугарските државни органи. Неговата вина била тоа што јавно се чувствувал Македонец, што зборувал за правата на Македонците и што не сакал да се откаже од вистината за својот народ.

Сократ Маркилов

Неколкупати бил затворан во бугарските затвори, во кои вкупно одлежал 17 години. Првиот пат бил осуден на 12 години затвор, а по апсењето во 1973 година, во 1974 година бил осуден на уште пет години. Тоа биле години на страдање, но и години, во кои неговата волја не била скршена. Затворот му ја одзел слободата и му го нарушил семејниот мир, но не успеал да му ја одземе Македонија од срцето. Трагедијата на Маркилов не завршила со неговите затворски казни. Неговата сопруга Цвета и нивните деца биле присилно иселени во Ловеч. Во сопственото сведоштво од 1992 година Маркилов наведува дека неговата сопруга била пронајдена отруена. Официјално било тврдено дека сама си го одзела животот, но тој изразувал сомнеж во таквата верзија и сметал дека околностите под кои починала не биле разјаснети.

Таа лична болка останала длабоко врежана во неговиот живот, но и по таквата несреќа тој не се повлекол од борбата. На 15 април 1968 година Сократ Маркилов бил еден од основачите и најактивните дејци на тајната Независна македонска организација „Илинден“. Организацијата дејствувала во услови на силен притисок, следење и опасност, но нејзината цел била јасна: зачувување на македонската национална свест, организирање на Македонците и борба за нивните човекови и национални права. По откривањето и разбивањето на организацијата во 1973 година Маркилов бил уапсен. Но ниту затворот, ниту годините на прогон не го натерале да молчи. Напротив, неговото име станало симбол на македонската истрајност во Пиринска Македонија.На 14 април 1990 година Маркилов бил и еден од основачите на Обединетата македонска организација ОМО „Илинден“. Тоа било време кога Македонците во Бугарија повторно почнале јавно да се организираат и да бараат признавање на своите права. Во тој процес Сократ Маркилов не бил само учесник, туку и морален столб – човек, чија животна жртва им давала тежина на секој збор и на секое барање. Особено значајно место во неговиот живот има големиот собир на Македонците кај Роженскиот манастир во 1990 година. Маркилов учествувал во неговото организирање. Собирот прераснал во голема јавна манифестација на македонската национална свест во Бугарија, на која присуствувале илјадници луѓе. За многумина тој ден бил историски миг – доказ дека македонската свест не била уништена, дека македонскиот глас не бил замолчен и дека борбата продолжувала.

Од тоа време останале запаметени неговите зборови: „Немам што да изгубам. Ниту деца, ниту жена, ми останува само голиот живот. А него секогаш можам да го дадам за Македонија.“ Овие зборови се документирани во телевизискиот прилог „Животот мина, мој Сократе“ од 1990 година. Во нив е собран целиот негов живот: болката, загубата, прогонот, но и непоколебливата верба во Македонија. Тоа не била обична изјава, туку завет на човек, кој претрпел огромни лични загуби, но го зачувал своето човечко и македонско национално достоинство.

Македонци во Пиринскиот дел на Македонија, денес во Бугарија, на национален собир

За собирот кај Роженскиот манастир Маркилов рекол: „Масовниот собир на Роженскиот манастир претставува голема победа на македонизмот во Бугарија и на организацијата ОМО „Илинден“. За тоа сонував. Во овој собир веќе никој не ќе може да ја сопре борбата на Македонците.“ Овие зборови остануваат историско сведоштво за надежта на Македонците во Пиринска Македонија. За Сократ Маркилов Рожен не бил само собир. Тоа бил доказ дека жртвата не била залудна, оти македонската кауза преживеала и дека новите генерации ќе продолжат таму каде што старите борци биле запрени со сила.

Сократ Данаилов Маркилов починал на 4 август 1993 година во Бања Банско, Струмичко. По негова желба бил погребан во Петрич – таму каде што поминал голем дел од својот живот, каде што бил прогонуван, но и каде што останал исправен како Македонец. Неговата биографија не е само животопис на еден човек. Таа е дел од големата и болна историја на Македонците во Пиринска Македонија – историја на негирање, притисоци и прогони, но и историја на отпор, достоинство и непокор. 

Сократ Маркилов бил патриот од редот на оние луѓе кои љубовта кон татковината не ја мерат со зборови, туку со жртва. Тој ја платил својата македонска определба со години затвор, семејна трагедија и лична голгота, но никогаш не се откажал. Затоа неговото име заслужува да стои меѓу легендите на македонското национално движење. Сократ Данаилов Маркилов останува симбол на непокорениот Македонец – човек кој немал што да изгуби, освен голиот живот, а и него бил подготвен да го даде за Македонија – пишува „Македонска нација“.

 

 

 

Најнови вести од: Македонија

Уште еден сомнителен случај на западнонилска треска

Уште едно лице, на возраст од 76 години, кај кое е потврдено воспаление на мозокот и мозочните обвивки од вирусно потекло, како и позитивна серологија од серум за вирусот западен нил е хоспитализирано во текот на изминатото денонокие на Клиниката за инфективни болести.

ВМРО ДПМНЕ: Жерновски 20 години ја цица државата, тој е талог на општеството

СДСМ се препозна и се прогласи за талог на општеството, а еден од основоположниците на тој талог е токму нивниот неуспешен амбасадор Андреј Жерновски, одговори ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на Жерновски.

Обвинителот предложи притвор за „газдарицата“ на „Камените кукли“ Стојна Димитровска Бут (41) од Кратово, која беше уапсена на 2 август, откако се тепаше со туристи!

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Куманово до надлежниот суд поднесе предлог за определување мерка притвор за 41-годишна жителка на Кратово која вчера беше лишена од слобода и за која се водат постапки за спречување на службени лица во вршење службени дејствија и узурпација на локалитетот „Камени кукли“, наоѓалиште е заштитено како природна реткост, во кратовското село Куклица.

Митрополит Григориј: ЕУ ѝ дозволува да Бугарија злосторнички да се меша во уставот, за да ги бугаризира Македонците и да се прекројат границите на Македонија!

„Божествен пророче и небесен човеку Илија, дај му победа на македонскиот народ над непријателите и милост голема на душите наши! ЕУ ја штити Бугарија. ЕУ ѝ допушти на Бугарија на македонскиот народ да му испрати бранови на смрт, наместо бранови на живот. На Бугарија ѝ се дозволува да изврши етноцид – геноцид врз македонскиот народ.“ – нагласува, покрај другото Григориј, митрополитот Кумановско-осоговски на Макеодонската православна црква – Охридска архиепископија, во своето слово по повод државниот празник Илинден и црковно-народниот празник Свети Илија.

To top