Македонија

ЗНАМ со отчет пред граѓаните во Велес – Политика во служба на државата, не на позициите

Мотото под кое се одвива отчетот е „Две години работа. Две години резултати. Една љубов – Македонија!“

Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија продолжува со директни средби со граѓаните и презентација на отчетот за работата на своите функционери во Владата и Собранието.

На панел-дискусија во Велес, претседателот на ЗНАМ Максим Димитриевски порача дека политиката треба да биде во служба на државата и граѓаните, а не борба за позиции и фотелји.

„Не влеговме во Владата за фотелји. Влеговме затоа што веруваме дека Македонија може да биде подобро место за живеење и дека државата мора да се гради со работа, морал, одговорност и резултати“, истакна Димитриевски.

Тој нагласи дека отчетноста мора да биде реална обврска, а не само празна политичка фраза.

„Ние не се криеме зад партиски фрази и дневнополитички партиски соопштенија. Она што сме го направиле ќе го покажеме. Она што не сме го направиле ќе го кажеме. А она што останува пред нас ќе го завршиме. Македонија нема време за уште едни изгубени години“, порача лидерот на ЗНАМ.

Од партијата истакнуваат дека отчетот е дел од поширока серија активности со кои пред граѓаните ги претставуваат резултатите од изминатите две години.

На панелот во Велес говореа и потпретседателот и пратеник Павле Арсоски, кој се осврна на работата во Собранието и донесените законски решенија, како и потпретседателот и министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски, кој зборуваше за мерките во земјоделството и поттикнувањето на домашното производство на храна.

Димитриевски рече дека за функционерите на ЗНАМ во Владата претстои уште многу работа. Партијата, според него, ќе поддржува сè што е добро за државата, но истовремено ќе предлага сопствени решенија и ќе дејствува како коректив.

Од ЗНАМ нагласуваат дека нивните претставници остануваат отворени за критики, сугестии и мислења од граѓаните. Отчетот, велат, треба да биде достапен и подложен на јавна проверка.

Мотото под кое се одвива отчетот е „Две години работа. Две години резултати. Една љубов – Македонија!“

Најнови вести од: Македонија

To top