Македонија

Лажни возачки за камиони и автобуси – внатрешната контрола на МВР истражува

Да има повисоки казни, никој нема повторно да се осмели на такво нешто

Внатрешната контрола на МВР, испитува како вработени во управните служби додавале категории кај возачки дозволи.. Лажните исправи се користеле за управување камион или автобус, иако возачот никогаш не полагал за тие категории на возила.. Според информации објавени во дел од медиумите, лажното додавање на Д или Ц категорија, чинело 1.400 евра.. Овие наводи, сега ги испитуваат надлежните..

Со случајот е запознаен обвинител од скопското јавно обвинителство, но засега, постапката се уште се води во рамки на МВР. Таа ќе треба да утврди колкумина вработени во управните служби биле вклучени во изработката на лажните исправи, но и колку такви возачки се издадени.. Лицата за кои сега внатрешната контрола води истрага биле фатени на дело, односно во моментот на додавање на категории кои возачот не ги поседувал.. Според досегашните информации, за да се добие категоријата за камион или автобус, возачот требало да пријави дека ја загубил дозволата, па поднесувал барање за издавање на нова. Кога доаѓал да се фотографира, тогаш се додавала возачката категорија, па во новата дозвола имал и повисока категорија.

Според засега непотрврдени, во групата која издавала лажни дозволи се лица кои претходно биле вмешани и во аферата со лажни пасоши откриена пред пет години.. Тогаш на затворски и условни казни беа осудени десетмина вработени во МВР. Тие, според пресудата, за секој издаден лажен пасош наплаќале по неколку илјади евра.. Користеле податоци од македонски државјани кои никогаш не извадиле пасош, но со фотографии и податоци на странски државјани.. На тој начин биле издадени над 200 пасоши, а дел завршиле во рацете на лица поврзани со криминал и дрога, а барани и со меѓународни потерници..

Секој за кој ќе се најде каков било доказ дека злоупотребил каква било позиција или пак несовесно работел во службата, ќе се постапи согласно закон и ќе биде најстрого санкциониран, заради тоа што ја злоупотребил довербата на македонските граѓани, на Министерството за внатрешни работи и го оцрнил образот и пред колегите свои кои чесно и професионално си ја работат работата, и пред македонските граѓани, изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски прашан дали имало полициски службеници кои за 1.400 евра издавале фалсификувани, односно возачки дозволи со повисоки категории на управување на возила од оние кои ги имале во своите оригинални.

-Во текот на вчерашниот ден имаше така поставено прашање од страна на медиумите во Министерството за внатрешни работи, одговоривме дека се постапува по информации добиени од страна на МВР за конкретни сомнежи за кривично дело, кои информации се споделени со Јавното обвинителство, за коишто дејствија Јавното обвинителство донело наредба за преземање на одредени истражни дејствија од страна на внатрешна контрола во рамки на Министерството, рече Тошковски во гостувањето на Тема на денот на ТВ Сител.

Посочи дека во овој момент не сака да споделува повеќе детали за овој предмет, заради тоа што станува збор за дејствија кои се предмет на оперативна обработка од страна на Внатрешна контрола во МВР, односно постојат основани сомненија дека се сторени одредени незаконитости.

-Кога ќе можеме, секако дека ќе ја информираме јавноста. Ова е битна тема и за Министерството за внатрешни работи и за јавноста, секако, не смееме да дозволиме злоупотреба на службена на службена положба, истакна министерот.

Во однос на тоа дали оваа група е поврзана со аферите од минатото за издавање пасоши, рече дека не сака да навлегува во детали во тој дел, но е убеден дека доколку имало построги казни, тоа не би се случило.

-Не би сакал да влегувам во детали во тој дел, но сигурен сум дека ако имаше построги затворски казни со одредени останати мерки коишто може да бидат изречени во рамки на правосилна пресуда спрема оние за коишто беше докажано дека дека злоупотребувале позиција во рамки на МВР, исто во управните служби, сега немаше така лесно да се дрзнат пак истото да го направат, сега не во делот на патни исправи, во делот на возачки дозволи, меѓутоа тоа е исто, заради тоа што имаме злоупотреба на службена положба… основани сомненија за злоупотреба или индикации за злоупотреба на службена положба или несовесно работење во служба во делот на фалсификување на исправи, додаде Тошковски.

Најнови вести од: Македонија

To top