Хроника

Акција во 66 угостителски објекти и казина – малолетници, алкохол и непријавени работници

Полицијата привела едно лице и тројца странци со нерегулиран престој

Малолетници затекнати по полноќ, точење алкохол на деца, незаконско приредување игри на среќа и непријавени работници се дел од неправилностите што ги откриле полициските и инспекциските служби при контролите во 66 угостителски објекти и казина низ земјава.

Акцијата била спроведена ноќта меѓу 17 и 18 октомври, под раководство на Одделот за криминалистичка полиција, во соработка со секторите за внатрешни работи и надлежните инспекциски служби.

Во еден од контролираните објекти биле затекнати четири малолетни лица по полноќ, додека во два објекта било констатирано точење алкохол на малолетници. Во друг локал било откриено лице кое работело како обезбедување без лиценца и легитимација, а на една локација бил нарушен јавниот ред и мир. За прекршување на Законот за заштита од пушење биле изречени три глоби.

Полицијата привела едно лице кое одбило да се легитимира, како и тројца странски државјани поради нерегулиран престој во државата.

Контролите откриле и незаконско приредување игри на среќа во Кичево. При претрес на локација каде што се одвивала оваа дејност биле затекнати две лица, а биле одземени и предмети поврзани со случајот. По целосно документирање на настанот, најавена е соодветна пријава.

Посебен случај бил регистриран и во прилепскиот регион. На патот во близина на селото Мажучиште полицијата запрела возач кој управувал автомобил под дејство на алкохол. Алкотестот покажал дури 2,04 промили алкохол во крвта, по што лицето било лишено од слобода под сомнение за кривично дело „Безобѕирно управување со моторно возило“, според член 297-а од Кривичниот законик.

Во рамките на акцијата, полициските службеници легитимирале 38 лица, извршиле преглед на 61 лице и едно патничко возило, а го утврдиле идентитетот на 31 лице.

Во контролите учествувале и Државниот пазарен инспекторат, Управата за јавни приходи, Државниот инспекторат за труд, Дирекцијата за заштита и спасување и Агенцијата за храна и ветеринарство.

Инспекциските служби утврдиле и други неправилности: непријавени работници, работење без потребните одобренија, неиздавање фискални сметки, нерегистрирана дејност, промет во девизи, како и недостатоци во хигиенските услови и противпожарната заштита. За констатираните прекршоци биле преземени соодветни мерки и санкции.

Од МВР најавуваат дека засилените и координирани контроли во угостителските објекти и казината ќе продолжат, во соработка со надлежните институции, со цел откривање и санкционирање на незаконските дејствија и зголемување на безбедноста на граѓаните.

Најнови вести од: Хроника

Жителка на Куманово требала да врати 2500 евра камата за еден месец за заем од 4 илјади евра! Истрага за четворица за криминална изнуда и перење пари

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција донесе наредба за спроведување истражна постапка против четири лица, за кои постои сомнеж дека биле дел од злосторничко здружение, а вршеле и перење пари и изнуда. За тројца од нив денес до судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје е доставен предлог за определување притвор, додека четвртиот веќе е надвор од Македонија.

Јанев од БЈБ за акцијата во Куманово: Пронајдени пари и докази за криминал од 2021

Директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев соопшти дека пет лица ќе бидат опфатени со кривична пријава по големата полициска акција во Куманово, во која беше уапсен Драган Петровски, познат како Штука.

Во полициската акција во Куманово против група поврзана со лихварство, изнуда и перење пари уапсен Драган Петровски – Штука, осомничен како нејзин организатор

Во претреси на повеќе локации, припадници на специјалните полициски единици и истражители бараа докази поврзани со група за која постојат сомневања дека подолг период дејствувала во Куманово и околината. Неофицијално, групата се поврзува со изнуда, лихварство и перење пари.

To top