Истражување спроведено во 32 основни и средни училишта низ Македонија открива загрижувачки податоци: 136 ученици имале самоубиствени мисли или мисли за самоповредување додека биле жртви на сајбернасилство. Тоа е 8,4 отсто од вкупно 1.623 ученици опфатени со истражувањето, кое е финансирано од Министерството за образование и наука. Уште 183 ученици, или 11,3 отсто, се соочиле со социјална изолација и повлекување.
Истражувањето го извеле универзитетски професори од Битола, опфаќајќи по 16 основни и средни училишта од сите плански региони.
Резултатите покажуваат дека 23,1 отсто од испитаниците барем еднаш биле жртви на сајбернасилство. Најчеста форма е вербалното насилство – навредливи и понижувачки пораки и коментари – за што се изјасниле 77,6 отсто од учениците.
„Учениците изјавиле дека најчесто сајбернасилството го вршат од забава, што укажува на недоволна свесност за последиците што може да ги предизвика врз психосоцијалниот живот на децата“, истакна вонредната професорка Ивона Шушак-Лозановска од Правниот факултет во Битола.
Како причини учениците ги наведуваат љубомората, одмаздата, досадата, забавата и желбата за моќ и контрола. Истражувањето забележало и случаи на злоупотреба на вештачка интелигенција, како и споделување фотографии и видеа, вклучително и со интимна содржина.
Околу 34 отсто од учениците биле сведоци на сајбернасилство во училишната средина, додека речиси половина (околу 49 отсто) не знаеле дали во нивното училиште се случувало вакво насилство.
Професорката Ангелина Станојоска укажа дека дел од учениците воопшто не го препознаваат насилното однесување во дигиталниот простор како насилство, туку како нормален начин на комуникација. Затоа е потребна дополнителна едукација за препознавање на овие појави и барање заштита.
Истражувањето покажува дека учениците најголема доверба сè уште имаат во родителите и најблиските, на кои први им се обраќаат кога ќе се соочат со такви проблеми.