Македонија

Дебата во Вилата Водно: 8 Септември низ призма на негови непосредни учесници и сведоци

Говорниците ги расветлија различните димензии на референдумот : правната, политичката, етничката; ја опишаа предреферендумската и постреферендумската атмосфера

По повод 8 Септември, Денот на независноста и одбележувањето на 35-годишнината од неа, под покровителство на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, на платото на Вила Водно се одржа панел-дискусија, насловена како „8 Септември низ призма на негови непосредни учесници и сведоци“, модерирана од Стојан Трпчевски.

За референдумот, но и за други настани од 90-тите години и подоцна, говореа: Туше Гошев, Насер Зибери, Ламбе Арнаудов, Мухамед Халили, Петар Гошев, Благој Ханџиски, Тодор Петров, Славе Наумовски, Ѓулистана Марковска, како и новинарите и уредници Панде Колемишевски и Александар Чомовски.

Настанот го отвори детскиот хор „Златно Славејче“ со изведба на државната химна „Денес над Македонија“ и песната „Земјо моја“.

На прашањето дали генерацијата, која учествуваше во создавањето на самостојната држава ја завршила својата историска задача, претседателката Сиљановска-Давкова одговори дека чинот на организирање избори, усвојување нов устав и конституирање институции е важен државотворен чин, но градењето држава е долг процес на промени што водат кон стабилна, функционална и ефикасна демократија.

Претседателката ги истакна улогата и заслугата на првиот пратенички состав, на експертската влада, но и на искусните и умерени политичари : Киро Глигоров, Стојан Андов, Никола Кљусев, Петар Гошев и Абдурахман Алити, кои, со знаење, мудрост и државничка одговорност овозможија осамостојување по мирен пат во време на крвав распад на Југославија.

Според неа, високата излезност и огромната поддршка, им даваат плебисцитарен карактер и демократски легитимитет на осамостојувањето и независноста.

Говорниците ги расветлија различните димензии на референдумот : правната, политичката, етничката; ја опишаа предреферендумската и постреферендумската атмосфера; ги изложија проблемите со коишто се соочувале; укажаа на разликите и дилемите околу формулирањето на референдумското прашање; разликите и несогласувањата околу уставната дефиниција на македонската држава; ставот на албанските партии.

Во своето излагање, Туше Гошев го поздрави мнозинскиот изборен систем и го проблематизираше пропорционалниот, којшто, според него, го дислоцира суверенитетот од граѓаните во политичките партии.

Насер Зибери потсети на укажувањата и предупредувањата на претставниците на Албанците пред референдумот и при донесувањето на Уставот и повика на поголемо граѓанско учество во креирањето на одлуките во функција на практикување политика како инструмент за повисоки цели во интерес на граѓаните.

Според Ламбе Арнаудов, првиот парламентарен состав покажал висока политичка свест во периодот на осамостојувањето и носењето клучни акти за државата, истакнувајќи ја важноста на Декларацијата за независност.

Мухамед Халили изрази жалење што во тогашниот период партиите на Албанците не биле соодветно и навреме разбрани, како и разочарување во тогашната власт заради малиот придонес во унапредувањето на меѓуетничката односи, што ќе предизвика недоразбирања подоцна.

Петар Гошев најпрво ја потенцираше неприкосновената важност на АСНОМ во формирањето на македонската државност, потсетувајќи дека Република Македонија како рамноправна држава влезе во Југословенската федерација и како самостојна држава се раздружи од федерацијата, врз основа на правото на самоопределување. Тој укажа на затвореноста на процесот на одлучување во мал круг политичари како и на тајни разговори и преговори за прашања од државно значење.

Благој Ханџиски го поздрави државничкиот однос на Киро Глигоров и повика на политичко обединување доколку сакаме да ги решиме крупните прашања и да станеме членка на ЕУ.

Тодор Петров зборуваше за предизвиците со коишто се соочувал како еден од најактивните пратеници во првиот повеќепартиски парламент, но и за опструкциите и проблемите што ги имал како претседател на Светскиот македонски конгрес.

Пратеникот Славе Наумовски, како член на Комисијата за надворешни работи, се осврна на нејзината улога и работа, особено во врска со перипетиите врзани за апликацијата на државата за членство во ООН.

За пратеничката Ѓулистана Марковска, првиот парламентарен состав бил и останал најдемократскиот досега. Таа изрази жалење од јакнеењето на партократијата, наместо на демократијата.

Новинарот Панде Колемишевски ја презентираше важната и посветена работа на медиумите во процесот на осамостојувањето, изразувајќи очекување да се истражат и разјаснат бројните нејаснотии околу осамостојувањето и независноста од научен и стручен агол.

Новинарот Александар Чомовски сведочеше за резервираниот однос и очигледен страв на политичките елити во однос на клучните прашања и одлуки за државата и демократијата во претходните 35 години. Тој укажа на нужноста од научно расветлување на поновата историја, посочувајќи го Институтот за национална историја како квалификувана научно – образовна институција за оваа цел.

Заедничка порака беше дека денес, по примерот на 1991-та, имаме насушна потреба од обединување и консензус за важните политички прашања од коишто зависи иднината на државата и просперитетот на младите.

Најнови вести од: Македонија

СВР Тетово: Се преземаат мерки за спречување меѓуетничка нетрпеливост кај младите

Секторот за внатрешни работи Тетово ја информира јавноста во врска со видео материјалите кои се споделени во дел од социјалните мрежи, а се однесуваат на синоќешниот инцидент во кој беа вмешани неколку малолетни лица, дека синоќа тие малолетници се обиделе да проверат кај две 11-годишни деца дали нивната облека содржи обележја на навивачка група, при што изреагирале случајни минувачи и не дошло до физички контакт.

Мицкоски: Над 1200 градилишта низ РМ, вложуваме во автопати, железница, образование и инфраструктура! – Јавните функционери да ја оправдаат дадената обврска!

Премиерот Христијан Мицкоски порача дека Владата во изминатите две години работи на реализација на голем број инфраструктурни и развојни проекти, посочувајќи дека низ државата има повеќе од 1.200 активни градилишта и проекти.

Мицкоски: Никогаш нема да отстапам од интересите на мојот македонски народ! – Гоце е вткаен во нашето постоење, тој е Македонија!

Премиерот Христијан Мицкоски порача дека нема да отстапи од, како што рече, интересите на македонскиот народ, нагласувајќи дека европската иднина на државата треба да се гради со мудрост, реформи и зачувување на националното достоинство.

Муцунски: Наша обврска е да градиме силна и меѓународно почитувана држава, чувајќи ги идеалите со достоинство

Министерот за надворешни работи на Република Македонија Тимчо Муцунски, денеска во Скопје ја предводеше владината делегација која положи цвеќе пред Споменикот на основачите на ВМРО, по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба.

Мицкоски: Свои на своето и со крената глава! – Со корен во минатото и со верба во иднината, ќе успееме!

„На 23 Октомври, покрај гордоста, треба да почувствуваме и одговорност. Да застанеме пред нивниот спомен, да се поклониме и искрено да се запрашаме: што правиме ние со слободата, за која тие се бореа, за која тие живееја и за која тие ги положуваа своите животи? Каква држава им оставаме на оние што доаѓаат по нас?“ – нагласи претседателот на Владата на Република Македонија Христијан Мицкоски на денешната свечена академија, која се одржа под мотото „Свои на своето!“ по повод Денот на македонската револуционерна борба – 23 Октомври.

Гаши: Само обединети и со почитување на разликите можеме да изградиме држава во која секој граѓанин се чувствува еднаков и безбеден

Овој значаен датум нè потсетува на издржливоста, храброста и напорите на генерациите пред нас во нивната потрага по слобода, достоинство и независна државност

Најнови вести

To top