Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, на свечена церемонија во „Вила Водно“ денеска постхумно ја одликуваше Наде Проева со Орден „8 Септември“, за нејзиниот особен придонес во афирмирањето на македонската историографија како врвна и светски призната историчарка, професорка и авторка.

Во своето обраќање на свеченоста, Сиљановска-Давкова рече дека со доделување на орденот „8 Септември“, денот на којшто Проева толку многу му се радуваше, ѝ оддаваме признание на една од најзначајните личности на македонската историографија, научничка од европски и светски ранг.

Таа истакна дека книгите и студиите на Наде Проева не се значајни само поради оригиналните и нови сознанија, туку зашто потсетуваат на она што денес сѐ почесто го забораваме: дека знаењето не никнува од убедувањето, туку од истражувањето; дека не се темели на претпоставки, туку на релевантни извори; не произлегува од желби, туку од аргументи.

Според неа, нејзиниот научен труд не се гледа и препознава само во книгите и студиите што ги напиша, туку и во грижата за научното наследство што го остави зад себе, меѓу другото и преку уредувањето на едициите: Historia Antiqua Macedonica и Bibliotheca Miscellanea Byzantino-Macedonica.

„Историјата за неа не беше бегство и засолниште од сегашноста. Нејзиниот научен интерес никогаш не остана затворен меѓу страниците на стручните списанија и академските конференции. Таа активно и бурно учествуваше во јавниот живот, уверена дека интелектуалецот нема само право, туку и должност да зборува кога се отвораат прашања од суштинско значење за културата, историјата и идентитетот. Нејзините колумни имаа просветителски карактер и учев од нив“, рече претседателката.

„Имав привилегија да ја познавам Наде и да се дружам со неа во Скопје, во Охрид или во градината на семејната куќа во Ресен. Ме восхитуваше нејзината љубопитност, остроумност, луцидност, храброст, креативност, бескомпромисност, остар јазик. Беше непресушен извор за мене, рудник на знаење. И по децении истражувања таа не се однесуваше како да ги пронашла сите одговори, туку како човек кој учи, кој сѐ уште си поставува многу важни прашања, бара одговори на нив, личност која вешто дебатира, умно негира, логично проблематизира“, рече претседателката во обраќањето.

Орденот ѝ беше врачен на Павлина Проевска, сестра на Наде Проева.

Во рамки на настанот присутните го проследија документарниот биографски филм „Наместо хагеографија“ посветен на Проева.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателката Сиљановска-Давкова.


Почитувани членови на семејството Проеви,
Почитувани колешки, колеги, пријатели и почитувачи на нејзиното дело,
Почитуван претседател на Комисијата за одликувања и признанија, почитувани членови на комисијата,
Античкиот свет е далечно минато. Неговите градови се урнатини, неговите владетели имиња во историските книги, а до него допираме само преку фрагменти: натписи врежани во камен, монети, археолошки ископини и остатоци како ретки сведоштва што времето не успеало целосно да ги избрише.
Но, токму од тие фрагменти, од тие навидум неми траги на минатото, професорката Наде Проева создаваше знаење, концепти, теории, одгатнуваше историја, отвораше нови научни хоризонти и поттикнуваше повторно, пошироко и подлабоко да размислуваме за местото на Македонија и Македонците во историјата.
Истражувањето и одгатнувањето на Антиката и Античка Македонија беа нејзина животна и научна преокупација и мисија. Таа не го романтизираше минатото, ниту го претвораше во мит, туку го истражуваше и објаснуваше со научна строгост, интелектуална чесност и длабоко чувство на одговорност кон вистината. Затоа, нејзиниот пат, започнат во Ресен, продолжи на Филозофскиот факултет во Белград и се усоврши на Сорбона во Париз, каде што им се посвети на епиграфиката, нумизматиката и античките религии, природно одејќи во антиката и историјата на античките Македонци, области што ги проучуваше, не само во архивите и библиотеките, туку и на археолошките локалитети.
Нејзините трудови за античка Македонија, Римската провинција Македонија претставуваат вреден научен прилог и остануваат важна појдовна точка за идни истражувања.
Книгите и студиите на Наде Проева не се значајни само поради оригиналните и нови сознанија, туку зашто потсетуваат на она што денес сѐ почесто го забораваме: дека знаењето не никнува од убедувањето, туку од истражувањето; дека не се темели на претпоставки, туку на релевантни извори; не произлегува од желби, туку од аргументи.
Нејзиниот научен труд не се гледа и препознава само во книгите и студиите што ги напиша, туку и во грижата за научното наследство што го остави зад себе, меѓу другото и преку уредувањето на едиции: Historia Antiqua Macedonica и Bibliotheca Miscellanea Byzantino-Macedonica. Токму затоа Наде Проева беше почитувана и кога со неа се согласуваа, но и кога со неа не се согласуваа. Нејзиниот авторитет не произлегуваше од титулите што заслужено ги носеше, туку од подготвеноста и решеноста секоја теза да ја поткрепи со докази и знаење и секој став да го изложи на критичка проверка.
Историјата за неа не беше бегство и засолниште од сегашноста. Нејзиниот научен интерес никогаш не остана затворен меѓу страниците на стручните списанија и академските конференции. Таа активно и бурно учествуваше во јавниот живот, уверена дека интелектуалецот нема само право, туку и должност да зборува кога се отвораат прашања од суштинско значење за културата, историјата и идентитетот. Нејзините колумни имаа просветителски карактер и учев од нив.
Во време кога јавниот простор сѐ почесто се исполнува со брзи оценки, лесни заклучоци, Наде Проева остана верна на една поинаква интелектуална традиција, којашто не ги бараше одговорите што му годат и приличат на времето, туку оние што можат да го издржат тестот и судот на времето.
Како строга, чесна и совесна професорка образуваше генерации историчари, но уште поважно, образуваше генерации млади луѓе да размислуваат критички, да ги проверуваат фактите и да не се задоволуваат со лесни и конечни одговори. Не остави само спомени на драматичните предавања, туку и дела што остануваат траен дел на историската наука и настава, меѓу коишто и „Историја на Аргеадите“, првиот универзитетски учебник посветен на античките Македонци. Нејзините студенти од неа не учеа само историја на стариот век или историја на Античка Македонија, туку важна лекција дека сериозното знаење започнува таму каде што завршува самоувереноста и се раѓа сомнежот.
Имав привилегија да ја познавам Наде и да се дружам со неа во Скопје, во Охрид или во градината на семејната куќа во Ресен. Ме восхитуваше нејзината љубопитност, остроумност, луцидност, храброст, креативност, бескомпромисност, остар јазик. Беше непресушен извор за мене, рудник на знаење. И по децении истражувања таа не се однесуваше како да ги пронашла сите одговори, туку како човек кој учи, кој сѐ уште си поставува многу важни прашања, бара одговори на нив, личност која вешто дебатира, умно негира, логично проблематизира.
Ќе ја паметиме по една, навидум обична слика: Наде на велосипед низ скопските улици. Во таа глетка, барем за мене, имаше нешто симболично, нешто што ја откриваше суштината на нејзиниот карактер: слобода, независност, љубопитност, постојано движење, perpetum mobile. Таа никогаш не мируваше, ниту со мислата, ниту со телото.
Денес, кога постхумно ѝ го доделуваме Орденот „8 Септември“, на којшто толку многу му се радуваше, и оддаваме признание на една од најзначајните личности на македонската историографија, научничка која ги афирмираше Македонците во меѓународните академски кругови, претставувајќи ја во најдобрата светлина македонската историска наука на научни собири и конференции, во истражувачките центри ширум Европа и светот. За врвните научни достигања го доби францускиот „Орден Витез на академските палми“.
Наде остави длабоки, уникатни, неповторливи траги во високото образование, како интелектуалка која знаењето не го чуваше себично во себе и за себе, туку го стави во служба на општото добро, на науката и на студентите.
И оддаваме признание на една жена која му го посвети животот на демистификацијата и разбирањето на минатото, уверена дека без него не можеме целосно да ја разбереме ниту сегашноста, ниту самите себе.
За тој придонес, за таа посветеност и за тој пример, Републиката денес ѝ изразува благодарност и длабока почит на нашата, на мојата Наде! Посакувам час поскоро да добие катче во Ресенскиот сарај, дворецот во градот, во нејзиниот природен свет, светот на книгите, со коишто најдобро другаруваше, тука, во библиотеката, а отсега, се надевам, во нејзината соба!
Посакувам фондацијата „Наде Проева“ да го оствари нејзиниот завет: и по смртта да им служи на сличните на неа, на Наде – талентираните млади луѓе, кои имаат потреба од поддршка на тешкиот, но прекрасен научен пат!
А, мене, мене ми е чест што ја познавав. Многу не задолжи нашата Наде, но верувам дека барем малку ќе и се оддолжиме со орденот „8 Септември“ кога вечниот македонски сон за самостојна и независна држава, за неа, за мене и за сите вас, стана јаве!
Благодарам.