Костадиновски истакна дека довербата е „најважниот капитал“ на секој уставен суд, бидејќи неговиот авторитет не произлегува од политичка моќ или механизми на принуда, туку од квалитетот на одлуките и довербата што ја ужива кај граѓаните. Тој предупреди дека современите демократии се соочуваат со ослабена улога на парламентите, посилни извршни власти, поткопување на ерозијата а и авторитарни стремежи. Уставните судови се соочуваат со критики за прекумерен судски активизам и навлегување во сферата на законодавната власт.
Во својот говор Костадиновски посебно се осврна на неодлучувањето по „чувствителни“ предмети. Како примери ги наведе предметите поврзани со Законот за Специјалното јавно обвинителство, промената на имињата на улици, плоштади и други објекти во Општина Тетово, ратификацијата на Конечната спогодба и Законот за употреба на јазиците. „Неодлучувањето никогаш не е неутрално“, порача Костадиновски, додавајќи дека кога Судот не носи одлука, постојната состојба продолжува да произведува правни последици.
Тој нагласи дека по преземањето на функцијата претседател на Судот се определил за пристап, според кој не треба да постојат „чувствителни“, „помалку чувствителни“ или „премногу чувствителни“ предмети. „Постои само уставна обврска Судот да одлучува“, истакна Костадиновски. Како пример го посочи предметот за т.н. балансер, преку кој, според него, Уставниот суд покажал дека повеќе нема „недопирливи предмети“.
Вториот важен столб на довербата, според Костадиновски, е отвореноста. Тој посочи дека Судот вовел практика по седниците јавноста да биде информирана за најзначајните одлуки, а од март годинава седниците се емитуваат во живо. „Целта не беше да ги направиме одлуките популарни, туку да станат поразбирливи“, рече Костадиновски.
Тој нагласи дека граѓаните треба да знаат што значи одредена одлука за нивните права и слободи, но и државните органи да бидат уверени дека Судот одлучува врз основа на правни аргументи, без политички, етнички, верски, или други влијанија. Костадиновски се осврна и на работата на Судот, наведувајќи дека заклучно со претходниот месец биле оформени 239 предмети, што, според него, е рекорден број во споредба со претходните години.
Тој го посочи и Извештајот на Европската комисија за владеењето на правото за 2026 година, во кој, како што наведе, се констатира дека Судот ги унапредил капацитетите за заштита на уставноста и законитоста, со зголемен број одлуки за укинување или поништување неуставни и незаконски прописи и намалување на бројот на предмети постари од три години. „Најсигурниот показател дека Уставниот суд навистина ја исполнува својата уставна улога не се аплаузите што ќе ги добие, туку моментот кога носителите на политичката моќ ќе сфатат дека повеќе не можат да сметаат на институционален комодитет и дека единствената граница на нивното постапување е Уставот“, порача Костадиновски.